Скопје деновиве е европски центар на минибаскетот. Во главниот град на Македонија се одржува 11. издание на ФИБА Европската минибаскет конвенција, која на едно место обедини тренери, едукатори и спортски работници од повеќе европски земји, посветени на развојот на најмладите кошаркари и кошаркарки.

Целта на конвенцијата е преку размена на искуства, современи методологии и практични примери да се унапреди работата со децата и да се поттикне нивниот правилен спортски и личен развој.

Во изминатите два дена беа реализирани бројни предавања, работилници и практични демонстрации под водство на реномирани меѓународни експерти. Учесниците имаа можност да стекнат нови знаења и алатки за успешно воведување на кошарката кај најмладите, како и за промовирање на здрави животни навики и спортски вредности.
На третиот ден од конвенцијата, присутните во спортската сала „Лазар Лечиќ“ ги поздрави Камил Новак, извршен директор на ФИБА Европа, кој им посака успешна работа и плодна размена на искуства на сите учесници.

На свеченото отворање се обрати и генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Македонија, Томче Стојчевски, кој се заблагодари за довербата што ФИБА Европа ѝ ја укажа важноста македонската федерација да биде домаќин на овој значаен настан.

Тој истакна дека организацијата на конвенцијата претставува уште едно признание за посветеноста на македонската кошарка кон развојот на младите категории и ја нагласи важноста на поддршката што ФИБА ја обезбедува во создавањето квалитетна основа за идните генерации кошаркари и кошаркарки.

Во рамки на програмата, свои излагања на тема „Важноста на партнерствата“ имаа претставниците на ФИБА Европа – Радмила Тарнер, Теренс Булок и Мирослав Крогулец.
Во утринскиот дел од денешната програма, учесниците ги следеа предавањата на Серхио Лара Берсиал на тема „Програма за прогресија во наставата“, како и на Милена Мусова, која говореше за „Планирање на вежби за трчање во минибаскетот“.
Завршниот настан на конвенцијата е закажан за недела, кога од 10 до 12 часот на терените на Кејот на реката Вардар ќе се одржи традиционалниот Минибаскет фестивал. Во рамките на фестивалот ќе биде реализирана и свечената церемонија на затворање на 11. ФИБА Европска минибаскет конвенција во Скопје.
На фестивалските активности учествуваат повеќе од 300 деца и околу 90 тренери, кои преку игра, дружење и спортски активности ја слават љубовта кон кошарката и вредностите што ги носи спортот.










