Скопје изминатите денови беше европски центар на минибаскетот, а завршницата на 11. Европска минибаскет конвенција беше одбележана со голем детски кошаркарски фестивал на спортските терени на Кејот на реката Вардар.
Во организација на Кошаркарската федерација на Македонија, со поддршка на ФИБА Европа и Фондацијата ФИБА, на Конвенцијата учествуваа претставници од речиси 40 европски земји, што претставува уште една потврда за значењето на овој едукативен настан за развојот на кошарката кај најмладите.
Главната цел на Конвенцијата беше на околу 90 тренери и организатори од европските национални федерации да им понуди современи алатки и методи за успешно воведување на кошарката кај децата на возраст од 5 до 12 години, како и да ја истакне важноста на здравите животни навики и благосостојбата на младите спортисти.
Во текот на четирите дена, учесниците имаа можност да следат теоретски предавања и практични работилници под водство на искусни меѓународни тутори, разменувајќи знаења и искуства во областа на минибаскетот.
Круна на настанот беше денешниот минибаскет фестивал, на кој повеќе од 300 деца, заедно со своите тренери и учесниците на Конвенцијата, речиси два часа уживаа во кошаркарски активности, игри и дружење исполнето со позитивна енергија.
Потпретседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Младен Ѓуроски, упати благодарност до сите клубови кои беа дел од фестивалот и истакна дека без нивната поддршка и учество, настанот немаше да ја има истата вредност и значење.
Тој се заблагодари и на тренерите, како и на најмладите кошаркари и кошаркарки, нагласувајќи дека токму преку вакви проекти се создаваат услови за развој на идните генерации талентирани спортисти.
Еден од главните предавачи на Конвенцијата беше Серхио Лара Берсијал, кој на затворањето изрази силна поддршка од ФИБА Европа за работата што ја реализираше македонската федерација во организацијата на овој значаен настан.
Во име на тренерите кои учествуваа на четиридневната едукација се обрати Едина Муса Димитровски.
„Навистина ме радува што гледам толку многу деца собрани денес овде, подготвени да тренираат, да учат и да се дружат заедно. Денешниот настан е дел од програмата на ФИБА, која во соработка со Кошаркарската федерација на Македонија овозможи 60 тренери од 40 различни држави да бидат дел од овој фестивал и да работат со нашите деца.
Денот беше исполнет со насмевки, нови пријателства, убави искуства и многу кошарка, што е најдобра потврда за вредноста на ваквите проекти“- истакна Димитровски.
Меѓу специјалните гости на Конвенцијата беа и Радмила Тарнер, Терен Булок,, раководител на Фондацијата ФИБА, како и Мирослав Крогулец, потпретседател за спорт и организациски развој за регионот Европа/Евроазија во движењето на Специјалните олимписки игри.
Со успешно реализираниот фестивал и големиот број насмеани детски лица, Скопје и Кошаркарската федерација на Македонија уште еднаш покажаа дека се одлични домаќини на значајни европски кошаркарски настани, а Европската минибаскет конвенција испрати силна порака дека иднината на кошарката започнува токму од најмладите.










