Балканот сонува: И Македонија домаќин на ЕП 2036?! (ВИДЕО)

241
ФОТО:printscreen

Македонија домаќин на Европско првенство во фудбал? Па и не е така неможно. Според шпекулациите што се појавија во последните месеци, домаќини на ЕП 2036 гoдина би можеле да бидат Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Македонија и Албанија.
Таквиот модел би овозможил организирање на големо натпреварување во дури шест земји од регионот за прв пат во историјата.
Доколку УЕФА прифати таква понуда, сите шест домаќини автоматски би обезбедиле место на завршниот турнир. Ова би значело дека шест репрезентации веќе би имале резервирано место на Европското првенство однапред. Во исто време, се повеќе се зборува за можно проширување на Европското првенство од сегашните 24 на 32 репрезентации.
Споменатиот формат постоеше на Светското првенство од 1998 до 2022 година, и на овој начин УЕФА дополнително би го зголемила бројот на учесници и пазарната вредност на натпреварувањето. Според едно од дискутираните сценарија, квалификациите би се организирале преку 12 групи со по четири репрезентации. Двете најдобри селекции од секоја група би освоиле директен пласман на ЕУРО, што би донело вкупно 24 учесници преку квалификациите.
Доколку на тоа се додадат шест домаќини, бројот на учесници би се зголемил на 30 национални селекции, додека преостанатите две места би биле пополнети преку Лигата на нации на УЕФА. Според таа идеја, националните селекции кои не успеале да се квалификуваат преку квалификациите би добиле нова шанса преку плејофот на Лигата на нации.
Плејофот би бил поделен на два посебни турнири со по четири екипи. Би се играле полуфиналиња и финале, а победниците од двата турнира би ги обезбедиле последните два билети за Европското првенство. Таквиот систем значително би го намалил бројот на натпревари во квалификациите, но во исто време би ја одржувал неизвесноста до самиот крај преку завршните турнири на Лигата на нации.
Засега, сè е околу шпекулации и можни модели што се разгледуваат во европскиот фудбал.
УЕФА сè уште не донела одлука ниту за домаќинот на ЕУРО 2036, ниту за евентуалното проширување на турнирот на 32 национални селекции. Сепак, доколку Балканот навистина ја добие организацијата на првенството, регионот би можел да стане домаќин на еден од најголемите спортски настани во својата историја, а дури шест репрезентации од овој дел од Европа би имале загарантирано место на завршниот турнир.
За потсетување, ЕУРО 2028 ќе се одржи во Велика Британија и Република Ирска, а ЕУРО 2032 во Италија и Турција. Претходното ЕУРО 2024 се одржа во Германија.

ПретходноПричината е многу тажна: Еве зошто Иранците носат значка со бр.168! (ФОТО)
СледноОлисе покажа дека е генијалец за победа на Франција, и Холандија победи со гол од пенал во 90+8.минута!