Македонските одбојкарски шампиони во машка и во женска конкуренција, Штип УГД и Работнички се уште официјално не потврдиле дали ќе се пријават за учество во најсилното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите на ЦЕВ. Со оглед на тоа што Македонија во последните неколку сезони беше редовен учесник во најсилното европско натпреварување, останува отворено прашањето дали тоа ќе биде случај и оваа сезона.
Официјално, пријавувањето е отворено до средината на месецот, па раководствата и на двата клуба треба брзо да одлучат дали оваа сезона ќе бидат дел од европската елита. Пред Штип УГД и Работнички стои и можност за учество во Челинџ Купот на ЦЕВ, кој е (условно) поевтина опција, но и за настап во ова европско натпреварување потребни се сериозни финансиски предуслови.










