Македонската универзитетска карате репрезентација продолжи со одличните настапи на Светската универзијада во Бразилија, а третиот натпреварувачки ден донесе уште два значајни медали во тимските кумите натпревари.
Машкиот кумите тим прикажа извонредни борби во текот на целиот ден, а најголем впечаток остави во полуфиналето каде со одлична тактичка и борбена изведба ја совлада силната селекција на Турција и обезбеди пласман во големото финале. Во борбата за златниот медал против Шпанија, македонските каратисти повторно покажаа висок квалитет и огромно срце, но овојпат мораа да се задоволат со сребрениот медал, што претставува еден од најголемите тимски успеси на македонското универзитетско карате.
Успешен ден имаа и девојките во кумите тимска конкуренција. Со сигурни и убедливи победи против Австралија и Чиле, тие стигнаа до полуфиналната фаза и борба за медал. По поразот од силната репрезентација на Шпанија, македонските каратистки го освоија бронзениот медал и уште еднаш потврдија дека припаѓаат на самиот светски врв во универзитетското карате.
Со освоеното сребро кај мажите и бронзата кај жените, Македонија продолжува да испишува нови страници во својата карате историја на Светската универзијада во Бразилија.










