Нова тажна вест од светот на спортот: Почина тренер на Ефес!

192

Кошаркарскиот свет е потресен од тажната вест од Турција – фитнес тренерот на Анадолу Ефес, Серхат Гунеш, почина по неколкунеделни борби во болницата, каде што беше примен на интензивна нега.

Гунеш имаше сериозни здравствени проблеми од средината на мај, а лекарите со денови се бореа да го одржат во живот. За жал, и покрај неговите напори, тој ја загуби најтешката битка.

Веста ја потврди и клубот Анадолу Ефес, кој се збогува со долгогодишниот член на тренерскиот штаб со емотивна порака.

„Длабоко сме ожалостени од смртта на нашиот тренер по фитнес Серхат Гунеш, кој беше на интензивна нега од 12 мај по ненадејни здравствени проблеми и водеше тешка борба за својот живот. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство и најблиските. Тој ќе остане во нашите срца засекогаш“, се наведува во соопштението на клубот.

Гунеш е роден во 1986 година и зад себе ги остави сопругата и малолетната ќерка. Пред да се посвети на тренерската работа, тој беше активен во кошарката повеќе од една деценија, а подоцна дипломираше на Факултетот за спортски науки во Анкара.

Во текот на својата кариера, тој работеше во неколку познати турски клубови, вклучувајќи ги Банвит, Бешикташ, Турк Телеком и Бурсаспор, пред да пристигне во Ефес, каде што беше важен дел од тренерскиот персонал на еден од најголемите европски клубови.

Неговата ненадејна смрт остави голема празнина во турската и европската кошарка.

ПретходноЧудо во Њујорк: Историски кам-бек на Никси (ВИДЕО)
СледноКоментаторите на “СпортСпорт“: Франција и Шпанија се топ – фаворити, ќе навиваме за БиХ, последниот танц на Меси и Роналдо!