Савевски: Против Грција не сме фаворити, но тоа ни оди во корист

34
фото: Одбојкарска федерација на Македонија (Facebook)

Машката репрезентација вечерва патува за Атина, каде викендов ќе ги одигра натпреварите од вториот турнир од Европската лига 2026.

Селекторот Јошко Миленкоски нема да прави промени во составот, односно истите 14. одбојкари на кои сметаше за воведните два дуели од годинешното издание ќе ги има на располагање и за натпреварите со домаќинот Грција, односно Исланд.

Средниот блокер на националниот тим Филип Савовски сезоната ја мина во дресот на грчки Панатинаикос, со кој ја освои двојната круна, а сега со дел од своите соиграчи ќе ги измери силите на репрезентативно ниво.

„По солидното отворање на Европската лига против Холандија и Луксембург во Струмица сега фокусот е на вториот турнир во Атина. Имав одлична сезона во грчкото првенство со Панатинаикос, а сега се враќам таму со националниот тим.

Грција како ривал добро ја познаваме, се соочивме со неа и во минатогодишното издание, како и во европските квалификации. Го имаат задржано истиот тим, кој е особено квалитетен, но верувам и во нашите можности. Како екипа можеме да играме со секој противник доколку сме на висината на задачата. Мислам дека многу работи ќе зависат од нас во Атина, од нашето издание и од тоа што ние ќе покажеме и на двата натпревари. Против Грција сигурно нема да бидеме фаворити, а тоа ни оди во полза. Што се однесува до Исланд, тие се екипа од послаб ранг, ги анализираме, а ќе имаме и можност да го гледаме нивниот натпревар со Грција, по што сигурен сум дека во договор со стручниот штаб ќе поставиме тактика со која ќе успееме да си ја реализираме посакуваната цел – победа. Се надевам дека вториот турнир ќе биде поуспешен за нас“, најавува Филип Савовски во пресрет на новите предизвици во Евролигата.

Македонската делегација утре, рано наутро треба да пристигне во Атина, попладне ќе го одработи првиот официјален тренинг.

Првиот натпревар македонските одбојкари го играат в сабота, 19 часот, против Исланд, додека в недела, во истиот термин ќе се соочат со организаторот Грција.

ПретходноДенеска на Мундијалот: Свечено отворање, Мексико против Ј.Африка на легендарниот „Ацтека“ стадион!
СледноНајголемиот проблем на Португалија е – КРИСТИЈАНО РОНАЛДО!