Нашиот национален ФИБА инструктор, Петар Денковски, беше дел од годишната Клиника за европски ФИБА инструктори (АНИК), која се одржа во Самоков, Бугарија. На значајниот едукативен собир учествуваа околу 40 национални инструктори од повеќе европски земји, со главен фокус на анализа и унапредување на судењето, како и размена на искуства и знаења меѓу инструкторите.
Во рамки на клиниката беа направени детални анализи на судењето во Европа и во одделните региони во изминатиот период, со посебен акцент на ситуациите кои претставуваат предизвик за судиите – како што се неспортска грешка, блокирање и пробивање, заштита на шутер, како и донесување одлуки во последните секунди од нападот или натпреварот.
„Беше направена анализа на она што е добро, но и на сегментите каде што има простор за подобрување. Посебно внимание беше посветено на тоа како знаењето и новите насоки да бидат пренесени до судиите на локално ниво. Главната порака беше ‘учи го учителот’ – постојано усовршување и надградување“, истакна Денковски.
Клиниката понуди комбинација од теоретска и практична работа, преку предавања, анализа на видео ситуации и практични вежби на терен. Посебен дел беше посветен и на разбирањето на тактиките во играта, каде асистент-тренерот на италијанската репрезентација ги запозна инструкторите со принципите на напад и одбрана, со цел судиите подобро да ги разберат намерите на екипите и тренерите.
Покрај едукативниот дел, учесниците имаа и фитнес активности и тренинзи, со што беше ставен акцент и на физичката подготвеност на самите инструктори.
„Клиниката во Самоков беше организирана на високо ниво, со одлични предавачи и многу корисни лекции. Овој тип на настани се исклучително важни за развојот на судењето и за пренесување на новите стандарди во кошарката“, додава Денковски.
Учеството на македонскиот ФИБА инструктор на ваков меѓународен собир претставува уште една потврда за активната улога на Македонија во европските кошаркарски процеси и континуираното вложување во развојот на судиската организација.










