Мексико силен, Ј. Африка е залутана на Мундијалот!

274

Денеска почнуваме со “Коментар на денот“ за СП 2026 кое синоќа почна, и тоа со Срѓан Захариевски. Како што и ветивме секој ден на нашиот портал ќе имате можност да прочитате што мислат, од некој друг агол, познати и признати фудбалски тренери.

Се разбира дека Захариевски својот коментар прво го започна со свеченото отворање, атмосферата на легендарниот „Ацтека“ стадион:

Искрено мене ми се допадна свеченото отворање, ама и не сум изненаден. Сепак Мексико и е фудбалска земја, по третпат, по 1970 и 1986 е домаќин и знае што треба да се направи за еден спектакл. Мексико живее деновиве со тој фудбалски дух“.

Мексико – Ј.Африка 2:0, тоа е првиот меч од ова СП:

Разочаран сум од Ј.Африка. Оваа селекција просто е залутана на овој шампионат. Уште при интонирање на химните кога видов дека барем 5-6 играчи имаат повеќе килограми се ми беше јасно. Ј.Африка како да е дојдена со вајлд-карта, како на некоја Олимпијада само да пополнат број. Од друга страна Мексико силен, моќен, знае што треба. Вистинска екипа, нема дилеми. Мислам дека ако сакаа домаќините да дојдат до поуверлива победа, ќе го стореа и тоа. Сепак немаше потреба, бодовите се освоени, добро е да се сочуваат силите. Мексико може барем уште 20-30% повеќе, тоа веднаш се гледа. Според мене оваа селекција, во зависност од тоа кој ќе се падне, во нокаут – фазата може да мине 1/16 и 1/8. За повеќе не верувам“.

Ј.Кореја со пресврт до победа против Чешка на вториот меч:

Па, не би рекол дека е изненадување, сепак искрено јас очекував повеќе од Чесите ако се знае дека тие во баражот ја победија една Данска. Од друга страна Ј.Кореја има добра селекција во која игра и еден Сон, кој до пред извесно време беше голема ѕвезда во Премиерлигата. Така да како што реков оваа победа на Ј.Кореја не е изненадување“.

Захариевски се осврна и на задолжителните судиски паузи од по три минути во првото и второто полувреме:

Како тренер не ми се допаѓа тоа. Се нарушува ритамот, посебно ако си ти подобар, а бркаш резултат. Да, јас знам дека ова е направено за хидратација кога има високи температури и тоа +35 степени, но вчера немаше ни 25 степени Целзиусови. Сепак маркетингот си го прави своето, а стравувам дека ова по малку наликува на НБА натпревар со траење од повеќе од два часа. Не знам, не можам да бидам дециден дали е добро или не, ова се некои други, модерни времиња. За останатите новитети во однос на судењето, тоа ќе мора да го кажат луѓето кои се постручни од мене, иако јасно е дека секој новитет и не мора да биде добар“ заврши Захариевски.

ПретходноАгим Ибраими и Тасески ги поздравија СИМ: Спортот ги гради младите
СледноГерманија со голем гест, разочараните навивачи добија одлична вест