Одбојкарите дополнително ослабени: Против Израел ќе мораме и без Маџунков

56
фото: CEV.eu

Во очекување на денешниот последен натпревар во Европската лига 2026, нов пех за машката одбојкарска репрезентација. Еден до стартерите во составот на селекторот Јошко Миленкоски, средниот блокер Филип Маџинков заработи повреда на вчерашниот натпревар со Косово и денеска нема да биде во ротацијата за исклучително важниот и тежок дуел со Израел.

Македонија на последниот турнир од Европската лига за оваа година во Приштина, вчера славеше со 3:0 против Косово, а денеска против фаворитот Израел ќе се обиде да го даде најдоброто од себе, иако има сериозен хендикеп поради отсуството на двајца стартери во тимот. Љафтов недостасува во составот уште од стартот на натпреварувањето, а сега се повреди и Маџунков, па Миленкоски на блокерската позиција останува само со Савовски и со младиот 16-годишен среден блокер на Струмица, Митко Спасов, кој и вчера со Косово доби шанса откако Маџунков се повреди во вториот сет.

„Навистина голем пех за нас. Маџунков нема да игра. Има повреда на коленото. Ќе биде тешко затоа што остануваме само со Савовски како прв избор на блокерската позиција. Израел е исклучително квалитетен состав. Успеавме да дојдеме до посакуваните три победи, но искрено се надевавме и дека против Израел со полн состав ќе се обидеме да направиме успех. Секако, нема да се откажеме“, вели селекторот Миленкоски.

Натпреварот со Израел во салата во Приштина е на програмата вечерва во 20 часот. Со три победи и два порази во досегашните средби Македонија се наоѓа на средината на вкупната табела во Европската лига. Израел на сите четири досегашни средби извојува победи и се бори за место на завршниот турнир.

ПретходноНБА Европа не чека на Евролигата: Одиме понатаму со или без нив!
СледноСенегалците во чудење – што ли направи Федерацијата со парите?