Македонската сениорска репрезентација ја комплетираше првата фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2029 на најдобар можен начин – со шест победи во шест натпревари. Последната ја оствари на гостувањето во Луксембург (80:66), каде и покрај скратениот ростер и неколкуте отсуства, одигра уште еден сигурен и зрел натпревар.
Еден од најискусните репрезентативци, Стојан Ѓуроски, по натпреварот истакна дека токму карактерот и односот кон играта биле пресудни Македонија да го задржи максималниот ефект до самиот крај на претквалификацискиот циклус.
„Тежок натпревар за нас, без неколку играчи и со скратен ростер. Мило ми е што покажавме карактер и влеговме максимално во натпреварот, без разлика што за нас немаше резултатско значење. Многу е тешко да се победат шест од шест натпревари во едни квалификации, што го покажува и фактот дека ние сме единствената репрезентација без пораз.Битно е што некои играчи добија шанса поради отсуството на други поединци и максимално ја искористија таа можност. Со тоа покажаа дека иднината на македонската кошарка е светла“, изјави Ѓуроски.
Македонија ја заврши првата фаза од претквалификациите како убедливо првопласирана во групата „А“, со максимален учинок од шест победи, и со голем оптимизам ќе го очекува стартот на втората рунда од квалификацискиот циклус, која започнува на 27 август.










