Пепе ги сака бисерите, а бисерите го сакаат Пепе  – Мичо е Пепе и немој да бидеш Мичо!

1710

Аргентинци, Аргентинци… многу Аргентинци и тренер од Аргентина! И пак не бива, не бива и не бива. Вардар да не треба и вода да носи од Аргентина, освен чаевите кои ги носат „гаучосите“ за да им фати иљачот и да им тргне конечно, некогаш или сепак никогаш!? Убиствена филозофија на едноумие во нашиот најголем фудбалски бренд кој удри во бетон вчеравечер во Скопје на дуелот со непознатиот, ама силен и среден тим од Финска, кој славеше со убедливи 0:2. КУП (С), проблеми му создаде првакот на Финска на нашиот, македонскиот шампион, кој среде Скопје доби лекција по модерен фудбал. Лекција по тоа како треба да изгледа еден клуб, селекција на тим и игра на терен од прв до последен свиреж на судијата. Тоа се вика план, стратегија и селекција.

Кристијан Фабиани, многу фалениот тренер кој дојде да направи посилен Вардар, доби лекција од 34 годишно момче. Толкава е возраста на Мика Нутинен, тренерот на Финците кој доаѓа од пределите на Лапонија (земјата на Дедо Мраз), и нема фотографија со Лео Меси и останатите аргентински ѕвезди, но тоа што тој го има е далеку повеќе од тоа што сите на КУП во Вардар го немаат. Знаење! Тој учи, спроведува, организира и има резултати. Резултати кои се гледаат со око, игра која е убава за око, но за негова среќа го нема Мичо… Е тука се отвара „пандорината кутија“ и главниот проблем во Вардар.

Кој е Мичо, човекот кој го „уништи“ Вардар!?

Имаше инцидент вчеравечер на „северната“ трибина на арената во Скопје. За среќа само вербален, а не физички дуел на еден навивач со Милован „Мичо“ Рогановиќ. Во наше време имаше еден цртан филм и таму реплика: „Пепе ги сака бисерите, бисерите го сакаат Пепе…“. Е во овој случај Мичо е Пепе, а „бисерите“ се парите на Вардар. Токму тој Мичо, кој во минатото беше „хостеса“ на Вардар во Анталија (се грижеше за такси, автобуси, терени…), кога „црвено-црните“ беа на подготовки во Турција најде „пура шема“ и јако влезе со своите „причи“ во таборот на „црвено-црните“. Еден, па втор, па …. само Аргентинци, па дојде и време за тренер, па Гарсон Родригес, па „дил“ со Пиреш од Силекс и ете ти пола тим. А со пола тим, па и тренер, клуб како Вардар повеќе нема контрола на нештата – контролата ја има Мичо (не се знае дали има лиценца), а ова е фудбал и во него има многу легален и нелегален бизнис. Па така и вчерашниот напад на арената од оние кои ги знаат приликите не е случаен. Мичо доаѓа од Црна Гора, единствената фудбалска земја од регионов која е послаба од нас на клупско ниво, а Аргентинците сите до еден спорни и очајни. Со месеци ги чекаат да заиграат и никако да им тргне. На пример играчи како Цветковиќ, Талески, Оласебикан, па и Бабунски, Спахиу, Тодоровски… беа или се уште се пречкртани, додека оние како Мато и Донгмо на време фатија „џаде“ и побегнаа од овој пекол, кој сите го гледаат, ама не и оние кои одлучуваат и даваат големи пари. Парите, и тоа добар дел одат за провизии и смешни засилувања. Резултатот е она што вчера го видовме со КуПСм а тоа е тотално фијаско и дебакл. Па ланскиот тим кој играше со Лозана, за овој кој играше вчера, е за 10 пати подобар и сигурно немаше да загуби од КуПС!

Утнати подготовки – алиби „тренер“

„Немавме време…“, рече Кристијан Фабиани, по дебаклот од КуПС како алиби, како причина за тоа што му се случи на терен, во игра и на дуел кој Вардар го чекаше 9 години! Некој друг му избори шампионска титула, му склопи тим, а тој се уништи. Уништи затоа што ја утнаа во Вардар работата со подготовките во Норча (Италија). Тоа не беа подготовки за тренирање туку за дебелеење!!! Собираа разни селекции, патуваа со денови за да играат тест средби со аматери и мизерни екипи. Да се нема план на одење и враќање – план за аклиматизација и план за влез во натпревар каков што беше овој со КуПС. Скаутинг – тешка „нула“ затоа што истиот е направен од нескаутирани тренери (самоуки преведувачи). Фабиани немал време, а од март месец е во Скопје, патуваше низ регионов, бараше и доби засилувања, направи рез во тимот – имаше три недели скапи подготовки во Италија. Колку време му е потребно!? Ама пусто, покрај себе го има својот менаџер Мичо! Џабе ти е Аргентина во срцето кога „балканците“ ти кажуваат како треба. Дали на 0:2 ги извади сите Аргентинци затоа што добро си ја завршија работата!? Фалеше уште стоперот за продавање – Мануел Куестас, па мисијата да биде комплетна. Среќа го дадоа, а ќе го плаќаат од Вардар за да игра во Језеро. Ако не тргнал во автобусот за Подгорица нека ги качат и Пуељо и Кастањеда и Торес. Не ги бива!!!

Кога „метлата“ не игра на време се случува ДЕБАКЛ!

Одамна Вардар не е клуб каков што треба да биде. Ако е прв дома, а мизерен на евро-сцената, тоа е доказ дека некои работи не биле како треба при пишување на „домашната задача“. Тоа се гледа од авион, но некои работи минуваа и низ сито и низ решето, а некој друг сам и само за себе го присвои целиот тој успех. Миленко Неделковски е причината зошто Скопје не го сака Вардар како некогаш. Тенките 3.500 гледачи на трибините на дуел од Лигата на шампионите е доказ дека постои проблем (се потсмеваат и медиумите од регионов). А проблем може да реши само газда, а Миленко Неделковски не е газда на ФК Вардар АД. Газдата на ФК Вардар АД, Атила Бијан Јалили, со месеци сака да си замине, а токму тоа што се случува во клубот е причина за таквото барање. На Вардар итно му треба нов газда, а со тоа и нов менаџерски тим. Таа „метла“ споро доаѓа, а тоа губење време е само вовед во хаос и бенефот за ликови од типот на Мичо (споменат во погорниот дел од текстот). Со таков буџет, со вака скапи играчи, Вардар мораше и требаше да ја нападне групната фаза од Конференциската лига. Тоа што лани го направи, на пример, Шкендија.

ПретходноНорвежаните погодени од настинки: Странд Ларсен e со треска, неколку играчи имаат кашлица и засипнатост
СледноМладинците денеска стартуваат на ЕП против Норвешка (ЛИНК)