ЗНМ достави реакција до ФФМ поради непримерен однос кон новинарката Марија Ковачева

209

Здружението на новинарите на Македонија денеска достави реакција до Фудбалската федерација на Македонија поради непримерена комуникација на портпаролот на ФФМ кон нашата новинарка, Марија Ковачева, која е главен и одговорен уредник на нашиот сајт.

СпортСпорт во целост ви ја пренесува реакцијата на ЗНМ.

„Здружението на новинарите на Македонија денеска достави реакција до Фудбалската федерација на Македонија поради непримерна комуникација на портпаролот на ФФМ кон новинарката и уредничка на „Спортспорт.мк“, Марија Ковачева.

Според информациите доставени до ЗНМ, реакцијата се однесува на онлајн комуникација помеѓу претставик на федерацијата и новинарката Марија Ковачева по објавен текст на „Спортспорт.мк“ за одлука на УЕФА поврзана со ФК Вардар, во која била употребена формулација што може да се протолкува како непримерна кон новинарката.

ЗНМ смета дека институциите и организациите од јавен интерес имаат обврска да одржуваат професионален, коректен и аргументиран однос со медиумите. Несогласувањето со новинарско известување не смее да биде повод за лични квалификации или комуникација што може да се сфати како притисок.

Новинарите имаат право да поставуваат прашања и да известуваат за теми од јавен интерес, вклучително и за работата на спортските федерации и клубовите. Доколку постои несогласување со објавена информација, соодветниот одговор треба да биде преку факти, демант или појаснување.

ЗНМ очекува ФФМ да обезбеди професионална комуникација со сите медиуми и да се воздржи од однос што може да ја наруши довербата меѓу институциите и новинарите.

ЗНМ ќе продолжи да реагира секогаш кога ќе оцени дека се нарушуваат достоинството, безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите и медиумските работници“. 

ПретходноМладинците со пораз од Норвешка стартуваа на ЕП
СледноДаниел Аврамовски е нов играч на Мугласпор