Франција си ја покажа силата, повеќе очекував од Мароко

142

Франција е првиот полуфиналист на СП откако синоќа со 2:0 славеше против Мароко во првиот четвртфинален меч. Мбапе и другарите едноставно си ја покажаа силата, иако во првото полувреме промашија неколку зицери, капитенот не реализира и пенал, но сепак во второто полувреме работите си дојдоа на своето место.

Свој коментар за нашите читатели во рубриката “Коментар на денот“ има Артим Шаќири.

-Франција ја оправда улогата на фаворит и се пласира во 1/2 финалето…

Французите си ја покажаа својата сила и затоа се во следната фаза. Импонира тоа што постојано инсистираат на напад, на гол, не ни помислуваат да застанат. Имаат екстра квалитет и тој квалитет знаат во целост да го искористат. И кога не им одеше, тука мислам за првото полувреме, нема нервоза кај нив, не потпаѓаат на провокации, си ја играат својата игра, не отстапуваат од својот стил, свесни се за својот потенцијал и знаат дека кога тогаш ќе постигнат гол и ќе победат. Навистина силна, екстра силна репрезентација, тука нема дилеми. Не треба да трошам зборови за Килијан Мбапе. Исто како и Меси, откако не реализира пенал успеа да се “извади“ со мајсторски гол, со фантастичен гол за водство на својата селекција и потоа се беше полесно. Следуваше голот на Усман Дембеле и тоа беше тоа“.

-Мароко строго дефанзивен, дали Мароканците се исплашија од силината на својот противник…

Искрено јас лично повеќе очекував од Мароко, знам дека можат многу повеќе. Од друга страна можеш да играш колку противникот ќе ти дозволи, а Франција на Мароко ништо не и дозволуваше. Јас а сите ние не знаеме каква беше тактиката на Мароко во однос на дефанзивата, ама ајде реално да ги согледаме работите. Еве ќе излезеш на висок пресинг, ама што правиме со тие четворица екстра брзи и екстра квалитетни напаѓачи како Мбапе, Дембеле, Олисе и Дуе? Ќе ти ја наполнат мрежата, тука нема дилеми. Секако дека селекторот на Мароко си имаше своја тактика знаејќи што можат неговите избраници, но тешко е, навистина е тешко да се игра против една ваква Франција, да се игра отворено пред се. Не дека и со строга дефанзива имаш некои шанси, ама вака можеш да доживееш катастрофа. Франција постигна два гола а според шансите можеше да биде 5:0 па и 6:0, и тоа со дефанзивен Мароко“.

-На повидок е епско полуфинале Франција – Шпанија…

А кој не сака таков дуел, такво полуфинале? Сепак ајде прво да видиме што ќе се случи вечерва на мечот Шпанија – Белгија. Јас не би ги отпишал така лесно Белгијците, но ако се случи полуфинале Франција – Шпанија тоа според мене би било финале пред финале. Овие две селекции според мене во моментов се најдобрите на Мундијалот, но во фудбалот не секогаш победува најдобриот“ заврши Шаќири.

ПретходноМЗТ Скопје потврди: Дамјан и Војдан и следната сезона во дресот на шампионот
СледноМакедонија против домаќинот Словачка на отворањето на Европското првенство