Шпанија со 2:1 ја победи Белгија во еден исклучително интересен меч и со тоа европскиот првак се пласира во 1/2 фиалето. Прогнозите се остварија, Шпанија влезе во мечот како фаворит, но сепак не беше така лесно за “Фуријата“.
За овој меч своја анализа во рубриката “Коментар на денот“ дава Срѓан Захариевски.
-Шпанија заслужено оди натаму…
„Кога ќе се анализира целиот меч, секако дека Шпанија заслужи победа. Свој стил на игра, посед, доминација, стрпливост, едноставно Шпанија покажа како треба. Сепак, сепак треба да се каже дека и Белгија пријатно изненади и малку недостигаше да се влезе во продолженија со 1:1 па да некои работи се променат. Белгијците имаа исто така шанси, според мене тука беа некаде со Шпанците, 50-50 во поглед на изгледните прилики. Импонираше она што Белгија го прикажа, имаа план како да се однесуваат на теренот, како да му се спротистават на фаворитот, и до некаде успеаја во тоа. Велам донекаде зошто на крајот резултатот се памети, а тој е 2:1 за Шпанија. Не треба да се трошат зборови за „Фуријата“. Имаат невиден потенцијал, имаат и индивидуален и тимски квалитет, добро се водени тактички од клупата. Од друга страна големиот проблем на Белгија беше Доку. Значи на ова СП ништо не покажа, не само на вчерашниот меч. Па тој требаше да биде главен во својата селекција, а јас не видов ништо од него. Генерално одличен меч, просто со уживање да го гледаш“.
-Одлучи грешката на Ламенс и голот на Мерино…
“Секако дека Ламенс ни во сон не сакаше такво нешто да се случи. Сега некој ќе каже да беше Куртоа на голот па немаше Мерино да даде гол. Но, ајде да се потсетиме на првиот гол, на Руиз, јас мислам дека Куртоа можеше и мораше подобро да реагира. Што се однесува до Мерино тука нема дилеми дека тој е херојот на Шпанија. И кога игра за Арсенал тој знае да постигнува вакви решавачки голови, а сега донесе победа со Португалија и вчера со Белгија. Сакам да кажам нешто за тие играчи кои влегуваат од клупа и ги решаваат натпреварите. Пред се тие се психолошки подготвени, не прават проблеми дека се резерви, вистински професионалци се, си ја знаат улогата. Играчи како Мерино знаат што треба да прават, ја користат секој секунда, секоја минута кога се во игра. Тренерите и селекторите тоа го респектираат, ете Шпанија има голема среќа што го има него, како и Арсенал“.
-Пред нас е епско полуфинале Франција – Шпанија…
“Сите велат дека тоа всушност е финале пред финалето. Сиот фудбалски свет со нетрпение го чека овој мега – дуел. Шпанија е екстра сила селекција, актуелен европски шампион, но јас мала предност и давам на Франција и тоа само поради таа четворка во нападот, Мбапе,Олисе, Дембеле и Дуе (Баркола). Тоа ќе биде меч во кој силите ќе го одмерат селекции со различни стилови на игра. Верувајте дека никој нема да отстапи од својот стил. Шпанија ќе инсистира на посед, доминација на терен, додека Франција на фронтален напад со висок пресинг. Тоа ќе биде меч за вистинско уживање, тука нема дилеми и победникот според мене ќе биде и светски шампион“ заврши Захариевски.










