Поранешниот тренер во стручниот штаб на МЗТ Скопје, Саша Димитријевиќ, кој во меѓувреме работеше и како селектор на Македонија во речиси сите младински репрезентативни категории, е новиот координатор на младинската школа на актуелниот првак.
Негова главна задача ќе биде целосна реорганизација и унапредување на работата на нашата „фабрика за таленти“, за што поседува огромно искуство и докажан квалитет. Во текот на својата долгогодишна кариера низ неговите раце поминаа голем број млади кошаркари, кои подоцна ги бранеа боите на македонските репрезентации и остварија успешни кариери.
„Заедно со управата на клубот и тренерите од младинската школа, Димитријевиќ ќе работи на подигнување на нивото и интензитетот на работа, како и на враќање на препознатливиот сјај на младинскиот погон на МЗТ Скопје – место каде што со години се создаваа врвни кошаркари.
Нашата цел е најталентираните млади кошаркари од целата држава уште од најрана возраст да го изберат МЗТ Скопје, каде што ќе добијат најдобри услови за работа, развој и напредок. Тоа ќе биде придобивка не само за нашиот клуб, туку и за македонската кошарка во целина“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.










