Стартува нова недела а во неа и нови возбудувања од првите квалификациски кола од натпреварувањата на УЕФА. Веќе утре Вардар го игра реваншот во Куопио со КуПС, меч во кој нашиот првак влегува со лоша негатива по пресметката во Скопје.
„За одбележување е и првата победа на гостински терен во сите натпреварувања на УЕФА за финскиот првак КуПС кој минатиот вторник славеше со 0:2 кај Вардар во Скопје“, стои во извештајот на УЕФА како најава и анализа за дуелите од првото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Уште еден доказ дека КуПС е само една просечна екипа и уште еден доказ каква голема шанса пропушта Вардар да се направи добар резултат и долга серија ова лето низ настапите во квалификациските кола од Лигата на шампионите.
Македонскиот првак од синоќа по долг и исцрпувачки пат е на северот на Финска каде утре од 17 часот го игра дуелот со КуПС. Од +35 во Скопје на +18 во Куопио но и со голема негатива од два гола по првиот меч на домашен терен.










