Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, и официјално забележа напредок на најновата ВТА ранг-листа, откако направи скок од 14 позиции благодарение на настапот на најпрестижниот тениски турнир – Вимблдон.
Ѓорческа претходно се наоѓаше на 222. место, но пласманот во првото коло на грен слем турнирот во Лондон ѝ донесе нови бодови и значително подобрување на пласманот. Од денес македонската тенисерка се наоѓа на 208. позиција на светската ВТА ранг-листа со вкупно 367 поени.
Овој напредок е уште една потврда за добрата форма на Ѓорческа, која и понатаму е убедливо најдобро рангирана македонска тенисерка. Настапот на Вимблдон, каде што успешно ги мина квалификациите и избори место во главниот турнир, претставуваше едно од нејзините најзначајни достигнувања сезонава и беше награден со нов скок на светската листа.
На самиот врв на ВТА ранг-листата и понатаму се наоѓа Арина Сабаленка, пред Елена Рибакина и Џесика Пегула.










