Денеска екипата на Силекс утре од 20:00 часот на комплексот Петар Милошевски во Скопје, ќе го одигра реванш дуелот од 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции против Динамо Минск.
Кратовци направија одличен резултат на првиот дуел, со победата од 0:1, на дуелот одигран во бугарскиот град Стара Загора, но сега е вистински момент, да се зададе „финалниот удар“ кон противникот и да се постигне историски резултат.
Тоа секако дека нема да биде лесно. Динамо Минск не одигра како што треба на првиот меч, но тоа е доволно квалитетен состав за да тоа не го повтори уште еднаш во само недела дена.
Во таборот на Силекс се и тоа како свесни за тоа, па се буквално подготвени на се. Она што се случуваше на првиот меч е минато, и вечерва стартува сосема нова битка.
“Знаеме добро што не очекува. Имаме против себе незгоден ривал, но на првиот меч покажавме дека знаеме да играме на резултат. Ова е историска шанса на генерацијата. Ќе направиме се што е во наша можност да не загубиме. Погубно би било да се повлечеме од првата минута, а доколку сме во можност ќе се обидеме да постигнеме и гол. Противникот е во подобар ритам од нас. Одиграа 15 меча во првенството и се лидери на табелата. Ние немаме таков ритам, но секако веруваме дека може да се пласираме во следното коло” – изјави вчера тренерот на Силекс, искусниот Александар Васоски, на официјалната прес конференција пред денешниот меч.
Полна трибина и максимална поддршка
Информациите од Кратово велат дека денеска буквално целиот град ќе се пресели на комплексот Петар Милошевски. Од клубот најавија дека капацитетот на трибините е пополнет и дека Силекс ќе има максимална поддршка.
Временските услови одат во прилог
Мечот е во вечерен термин, со почеток од 20:00 часот, но реално временските услови во Скопје во моментов и не се најидеалните. Температурата е висока, но сепак, некако истата далеку повеќе ќе одговара на фудбалерите на Силекс одколку на оние на Динамо Минск, кои што се навикнати на временските услови од Белорусија.










