Вечерва од 20 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, Шкендија ќе се сретне со Европа од Гибралтар, во реванш дуел од 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции. Јасно е дека ова за тетовци ќе биде само формалност со оглед на тоа дека на првиот меч, и тоа како гости, славеа со 0:5 па така вечерва избраниците на стратегот Артим Положани ќе се “загреваат“ за двомечот со словенечкиот Браво во втората квалификациска рунда.
Инаку во Шкендија не мислат, и покрај големата предност од првиот меч, да го потценат ривалот. Се посакува победа, максимално сериозен пристап и со победа да се подобри клупскиот рејтинг во Европа.
Ова ќе биде можност за Положани да им даде минутажа и на некои играчи кои во овој момент не се во прв план. Се планира уште едно долго европско лето, па јасно е дека треба да се штедат силите. Во следната квалификациска рунда против Браво нема да биде така лесно, сепак станува збор за сериозен клуб од Словенија.
Инаку Шкендија вечерва по 71.пат ќе игра натпревар во фудбалска Европа. Се посакува 26-тата победа, и тоа со убедлива гол разлика, како што беше на првиот натпревар на Гибралтар.
Реваншот вечерва на Арената “Тодор Проески“ ќе го суди Антон Лашук од Белорусија.
Фновите на Шкендија и останатите, ако не можат да дојдат на Арената вечерва, тогаш ќе можат да го следат настапот на четата на стратегот Артим Положани низ директев ТВ пренос на МТВ 2.










