Победа посветена на селекторот Никола Велев

350

Постојат моменти кога резултатот останува во втор план, а човечката големина зборува најгласно.

Денес, селекторот на машката репрезентација „Под 20“ години, Никола Велев, и покрај најтешкиот личен момент – загубата на својот татко – одлучи да остане со својата екипа и да ја предводи до победа на Европското првенство од Дивизија „Б“ во Братислава.

Кошаркарската федерација на Македонија изразува најдлабоко сочувство до Никола Велев и неговото семејство за нивната огромна загуба. Во овие тешки моменти сме со него и со неговите најблиски, со искрени желби да пронајдат сила, мир и утеха.

Денешната победа над Босна и Херцеговина е посветена токму нему – на човекот кој и во мигови на неизмерна лична болка покажа што значат професионалноста, достоинството, пожртвуваноста и безрезервната љубов кон репрезентативниот дрес.

Првенството го завршуваме со позитивен скор од пет победи и два порази. Со денешната победа над Босна и Херцеговина го освоивме деветтото место, но искрено верувам дека тоа не е вистинската слика за оваа репрезентација. Во текот на целиот шампионат покажавме карактер, заедништво и квалитет, а со нашата игра докажавме дека заслужувавме многу повеќе.

Во име на целата екипа, сакам да кажам дека сите наши победи му ги посветуваме на нашиот селектор Никола Велев и на неговото семејство. Во овие најтешки моменти, енергијата, вербата и силата што тој секојдневно ни ги пренесуваше нам, денес му ги враќаме нему. Целиот тим е со него и со неговото семејство, со искрено сочувство и поддршка“ –

Гласат зборовите на поддршка и израз на сочувство кон селекторот од Марко Луканоски, капитенот на младинската репрезентација на Македонија, во име на сите оние со кои Никола Велев го делеше секој момент во изминатиот период.

Френки, оваа победа е за тебе!

ПретходноЗоран Митровски ќе го суди финалето во Братислава
СледноМоментот кога сите видоа дека Дешамп заминува (ВИДЕО)