Вечерва Аргентина го игра големото финале на Светското првенство против Шпанија. „Гаучосите“ се на еден чекор до одбрана на круната од Катар со Лионел Скалони како селектор на нивната репрезентација. Скалони е веќе легенда на својата земја и тренер кој ги направи последните најголеми успеси на оваа репрезентација.
Но дали сте знаеле!?
Лионел Скалони беше чуварот на грбот на нашиот Горан Пандев во периодот од 2007 до 2009 година. Во времето кога нашиот најдобар фудбалер „газеше“ се пред себе во дресот на Лацио и кога оваа екипа играше во Лигата на шампионите. На пример Лионел Скалони беше двапати во составот на дуелите со Реал Мадрид оние 2:2 во Рим и поразот 3:1 во Мадрид. Натпревари на кои за Лацио трите гола ги постигна токму Горан Пандев. Можеби и научил нешто од таа магија во тоа време која ја имаше Горан Пандев.

После Лацио, Пандев направи трансфер во Интер и потоа се е тоа историја… Скалони малку играше во Лацио, беше малку и во Мајорка и Аталанта по што во 2015 година стави крај на скромната кариера.
Скалони играше и во Скопје против Работнички
Иако одигра малку, само 53 натпревари за 6 години минати во Лацио, Лионел Скалони беше во составот на оваа екипа и на дуелот во Скопје против Работнички во Лигата на Европа. Играше како десен бек и со капитенската лента на тој 25 август 2011 година кога замислете ги чувал Борче Маневски и Крсте Велковски. Лацио победи со 3:1 – Лазаревски го посетигна голот за Работнички додека Роки со два гола и Хернанес беа во листата на стрелците за гостите.

А Скалони во Скопје го виде и македонскиот Меси. Иван Настевски – Меси кој доби шанса од клупата на Работнички. А Меси, оној вистинскиот вечерва му е капитен на Скалони на големото финале на СП.










