КК Маџари се огласи: Денеска ги подмиривме сите финансиски долгови!

353
ФОТО:facebook.com/kkmadzari

Екипата на КК Маџари беше еден од трите тима кои КФСМ ги објави дека не ги подмириле своите обврски кон федерацијата. Од таборот на минатогодишниот дебитант кој стигна до финалето излегоа со соопштение во кое се вели дека во целост ги подмириле своите обврски и дека доцнењето е поради технички причини.

Во продолжение во целост ви го приложуваме соопштението:

„Во врска со денешната објава на КФСМ, во која КК Маџари е наведен меѓу клубовите кои, поради неплатени обврски, немаат право на лиценца за натпреварувачката сезона 2026/2027, ја информираме јавноста дека денес КК Маџари во целост ги подмири сите свои финансиски обврски.

Задоцнувањето во подмирувањето на обврските беше резултат на технички проблем со службениот e-mail на клубот, како и периодот на летни одмори, што предизвика доцнење во комуникацијата и реализацијата на плаќањата.

Воедно, сакаме да истакнеме дека ова соопштение од КФСМ доаѓа во исклучително неблагодарен момент за нашиот клуб. Имено, токму денес очекуваме официјална информација во врска со нашата апликација за учество во АБА2 лигата, процес за кој КФСМ е целосно запознаена и информирана.

Искрено веруваме дека времето и начинот на објавување на оваа информација не се тенденциозни и дека на сите нас, без исклучок, ни е заеднички интерес развојот и афирмацијата на македонската кошарка. Убедени сме дека секое меѓународно учество на македонски клуб претставува придобивка за македонскиот спорт и дека сите посакуваме Македонија да има уште еден достоен достоен претставник во АБА2 лигата.

КК Маџари и понатаму ќе работи транспарентно, одговорно и во интерес на клубот, неговите членови и македонската кошарка.
Ви благодариме за довербата и поддршката“. 
ПретходноСветските шампиони си дојдоа дома
СледноПочина англиската фудбалска легенда Кевин Киген