Не е доволно само да се платат долговите: Во КФСМ се подготвени за лига со седум клуба, постои и можност за вајлд-карта!

575

Раководството на Кошаркарската федерација на Македонија денеска испрати уште една важна порака – дека во иднина нема да има простор за импровизации во овој спорт. Ако сите чинители во кошарката се обединети со една цел – заеднички да се подигне нивото и конечно да се фати курс кој ќе вроди со плод, тогаш ќе мора да се исполнат основните услови за секој клуб со право да може да се нарече професионален.

КФСМ остана на ставот дека клубовите кои нема да ги подмират финансиските долгови до 15-ти овој месец нема да добијат лиценца за настап во Супер-лигата. ТФТ, Маџари и Чаир се трите тима кои не го исполниле првиот од неколкуте услови што ги постави „куќата на кошарката“.

На сите тимови им беше понуден значителен попуст од 40% за покривање на долговите, но ниту таа опција не беше искористена. Согласно правилата, трите тима ќе имаат право на жалба до Апелација. Сепак, за таа да ја добие потребната тежина, ќе мора да содржи доказ дека долгот кон Федерацијата е исплатен.

Но, ова не е единствениот услов за настап во највисокиот ранг на натпреварување. И тука правилата се јасни како ден, а богами и исправни. Да не речеме дека во други држави овие критериуми не се сметаат за проблем за настап во Супер-лига, што не е случај кај нас.

Секој тим треба да има пријавено најмалку две младински екипи, да има пријавено сала која ги исполнува условите за настап во Супер-лигата, како и да обезбеди официјални лица, како лекар и останати неопходни лица.

И тука не застануваат важните правила кои мора да се испочитуваат. Покрај долговите, младинските тимови и салите, секој клуб мора да приложи доказ за минимален буџет за играчи од 100.000 евра. Во спротивно, повторно ќе го загуби местото во Супер-лигата.

ВО ФЕДЕРАЦИЈАТА СЕ ПОДГОТВЕНИ НА СИТЕ СЦЕНАРИЈА

Многумина се прашуваат што ќе се случи доколку на ТФТ, Чаир и Маџари им бидат одбиени жалбите како неосновани.

Одговорот е следен: Во Федерацијата се подготвени на сите сценарија. Нема да претставува никаков проблем доколку лигата во новата сезона брои седум екипи. Подготвени се да останат на она што го зацртаа од самиот почеток, а тоа е воведување ред во кошарката, за во одреден период таа повторно да го врати епитетот професионален спорт. Отстапки нема да се прават за никого.

ПРОСТОР ИМА И ЗА ДРУГИ КЛУБОВИ, НО И ТУКА ПОСТОЈАТ УСЛОВИ

Се отвора и прашањето дали може да се очекува други тимови да ги пополнат местата во Супер-лигата. Простор има – да, но повторно во прашање е исполнувањето на критериумите.

  • Вајлд-картата изнесува 40.000 евра. Истата не може да се добие преку ноќ, бидејќи за неа одлучува Управниот одбор на КФСМ.
  • И овој тим ќе мора да ги исполни истите услови како и останатите – да има минимален буџет од 100.000 евра за играчи, како и да ги исполни сите останати основни услови за функционирање на највисоко ниво.
  • Во моментов веќе има кандидати кои ја чекаат комплетната разврска околу ТФТ, Маџари и Чаир.
ПретходноИГРАЈ ОДГОВОРНО: ДВЛМ СО МРЕЖА СОВЕТУВАЛИШТА НИЗ МАКЕДОНИЈА
СледноСветските шампиони си дојдоа дома