Актуелниот бранител на титулата во домашниот фудбалски шампионат, екипата на Вардар денеска од 20:00 часот на Арената Тодор Проески во Скопје во рамките од второто квалификациско коло од Лигата на Конференции го пречекува претставникот на Летонија, тимот на Рига.
По неуспехот во квалификациите за Лигата на Шампионите, и елиминацијата од фински КуПС, Вардар ќе се обиде да ги поправи нештата во квалификациите за Лигата на Конференции. Во надеж дека ова европско лето ќе трае далеку подолго од она што во моментов изгледа.
А ситуацијата е следна. Рига е сериозен ривал, кој што во Скопје пристигна со чартер лет, и си заминува веднаш по завршувањето на мечот. Има десетина африкански интернационалци кои се физички супериорни, нивниот шампионат е во тек, и екипата е во натпреварувачки ритам.
Од друга страна пак, Вардар има мотив повеќе во 79. годишнината од постоењето. Навивачката група „Комити“ подготвува спектакл на оваа тема, а и самите фудбалери посакуваат со позитивен резултат да го одбележат овој датум.
Вардар против КуПС во Скопје покажа се што не чини во моментов во тимот. Сега, ова е поправен испит што се вели за избраниците на Кристијан Фабиани, пред своите симпатисери да покажат дека можат далеку подобро од пред две недели.










