Фабиани има право… Ќе биде подобро ама во сабота со Брегалница!

285

На Вардар му се случи уште еден европски шок на домашен терен. Овојпат првакот на Македонија е поразен од првакот на Летонија во пресметката на „лузерите“ од Лигата на шампионите. Рига во Скопје слави со 2:3 во интересен дуел на кој гостинот ја демонстрираше квалитет, дисциплина и сила, иако за нас, за Вардар, за јавноста битно е тоа дека летонските фудбалери се хулигани и кршеле по соблекувалните, но не и тоа дека најдобриот клуб во земјава е пред експресна елиминација од Европа.

Секој пораз е одраз не лоша тактика, лош избор на фудбалери, лоша подготовка па можеби и лоши „преведувачи“ како што е во случајот со Вардар и тренерот Кристиан Фабиани (знае само шпански). Аргентинскиот стратег по средбата излезе со свој став дека се било како треба, дека Вардар бил подобар, дека екипата е добра… но ако погледне семафор – таму е 2:3 за ФК Рига од Летонија на теренот на „црвено-црните“. Рига – клуб без никаков резултат во Европа, нешто слично како и КуПС. Два тима кои беа шансата за Вардар ова лето, но ете и две домашни лекции кои се одраз на внатрешните проблеми во Вардар од типот на скаутингот, изборот на фудбалери, подоготовки па и недисциплината која сакаат да ја прикријат, а е очигледна.

Организациска катастрофа – место во карантин дремеа по кафулиња

Да играш важен европски меч, да немаш карантрин и да се собираше неколку часа пред натпреварот е несериозен пристап, аматеризам и играње со честа и името на клубот. А притоа цело предпладне играчите па и стручниот штаб (секако со менаџерот од Црна гора), да лутаат по кафулиња низ градот. Тоа е таа организација и детали кои прават малите нешта да имаат големи последици – елиминации и порази.

А Фабиани за едно е во право.. Да, ќе биде подобро ама во сабота со Брегалница и домашниот шампионат во кој половината од екипите почнаа со тренинзи од пред некој ден и не се знае до кога ќе издржат и дали ќе имаат пари за плати на играчите. Таму ќе биде подобар Вардар, а во Европа се виде на дело. Аргентинскиот стартег силата на Рига можеби ја гледа во боите на дресовите на Летонците кои беа идентични како оние аргентинските. Но, не гледа дека во ростерот го има Закариќ, кој е единствениот кој знае и носи промени на добро во играта на „црвено-црните“, а упорно се форсира Пирес, Кастањеда, Родригес… каде во преден план е тоа што сите тие се играчи на агентот кој и го донесе тренерот во Вардар. Се гледаат головите но не и грешките. Вардар вчера можеше да даде и пет гола но ќе примеше 7-8 парчиња.

Скапи „ѕвезди“ и стручен штаб за беден домашен шампионат

Но, ќе биде подобро… но во дуелите од сабота во домашниот шампионат со екипите чија што вкупна плата е колку двајца играчи на Вардар или колку комплетниот „стручен“ штаб на првакот на Македонија. За таму е битката а за Европа тоа што „кој стигне мана“, и не е таква голема главоболка. Тоа што првакот нема да го дочека август во евро-куповите и не е некој голем проблем.

Празните трибини се резултат на „семафорот“. Само добра игра и победи ја враќаат публиката на трибините а со тоа и атмосферата околу најголемиот фудбалски бренд во Македонија. За жал некои лица живеат во сопствен свет, во сопствениот лошотилук и злоба која се користи за лечење на фрустрации од минатото.

Вардар не може и не смее да биде терапија за „мир во куќа“ или експериментална програма!

Можеби на „Бит пазар“, метлите се на попуст… Време е!

ПретходноСуарез му приреди „пеколно добредојде“ на Левандовски (ВИДЕО)
СледноЦехте: Се радувам на предизвикот – Алкалоид, очекувањата секогаш се високи!