ФИБА вели дека Дамјан Данев е дел од оние кои се во фокусот за следното ЕП во Хрватска

64

Уште едно големо признание за македонската кошарка пристигнува во пресрет на Европското првенство за играчи „Под 18“ години од Дивизија „Б“, кое од 25 јули до 3 август ќе се одржи во Ријека и Опатија, Хрватска.

ФИБА Европа го вклучи македонскиот репрезентативец Дамјан Данев во изборот на 10 кошаркари на кои треба да се обрне посебно внимание за време на шампионатот, издвојувајќи го како еден од најинтересните млади таленти што ќе настапат на турнирот.

Во анализата на ФИБА се наведува дека Данев во Хрватска доаѓа со значајно меѓународно искуство, стекнато со настапите на минатогодишното Европско првенство од Дивизија „А“, каде беше најдобар блокер во редовите на македонската репрезентација.

„Осумнаесетгодишното крило остава силен впечаток со својата висина, распон на рацете и способноста да го штити рекетот, како и со реализацијата во непосредна близина на кошот. Во неговата игра се забележуваат и квалитети во нападот, преку продори и шут од дистанца“, е дел од оценката на ФИБА за македонскиот репрезентативец.

Во најавата за шампионатот, ФИБА потенцира дека Македонија по едногодишниот настап во елитната Дивизија „А“ се враќа во Дивизија „Б“, а токму Данев треба да биде еден од главните адути во обидот репрезентацијата експресно да се врати меѓу најдобрите европски селекции.

Изборот на Дамјан Данев меѓу десетте најинтересни играчи на Европското првенство претставува уште една потврда за неговиот потенцијал, но и признание за квалитетната работа во македонската кошарка и националните селекции.

ПретходноШкендија тргнува по нов подвиг во Европа
СледноАрда Илјазовски е нов играч на Брондби