Стевковски: Првото коло е секогаш најтешко, верувам дека Тиквеш ќе почне со победа

45

Со натпреварот Тиквеш – Арсими денеска стартува Првата МФЛ. Во Кавадарци домашниот тим сака со триумф да ја стартува новата сезона, во која има амбиции за што подобар пласман на прволигашката табела.

Кавадарчани со ново раководство, нов стручен штаб и доста промени во играчкиот кадар брка стартни три бода. Не го потценуваат противникот, но од таборот на Тиквеш веруваат дека со помош на домашниот терен и публиката ќе дојдат до целта.

„Поминавме одлични подготовки, каде игравме со тешки противници и имавме шанса да видиме каде треба да се поправам, а каде сме добри. Првенството сега почнува побрзо од минатите години, и тие грешки не смеат да се повторуваат затоа што целта наша на секој натпревар ќе биде да одиме на победа и што е можно на повисок пласман на крајот на сезоната. Првото коло е најтешко, без разлика на противникот. Но, мислам дека доколку играме дисциплинирано и ги исполниме задачите од нашиот стручен штаб, ќе стигнеме до победа и на најдобар начин ќе ја стартуваме сезоната“, изјави голманот на домашниот тим Христијан Стевковски.

Чуварот на мрежата на Тиквеш покажа почит кон противникот.

„Арсими има добра екипа која заслужува почит. Тоа го покажа минатата сезона и очекувам тврд натпревар како за прво коло, и нијанси да одлучуваат. Верувам дека со поддршката на нашите навивачи ќе се израдуваме на победа“, вели Стевковски.

ПретходноОфицијално: Клоп е нов селектор на Германија
СледноАрсими со победа во Кавадарци посакува да ја отвори новата сезона