Македонската машка сениорска одбојкарска репрезентација на 5 август во Крушево ќе го има официјалниот почеток на подготовките за претстојното четврто учество на континенталното првенство. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски треба да се јават на првата прозивка од која треба да стартува целата подготвителна мисија за учество на Европското првенство.
Миленкоски веќе го направи комплетниот план на подготовките низ кој нашата репрезентација треба да ја добие оптималната форма за настап на првенството во Бугарија.
„Планот е направен од поодамна. Почнуваме на 5 август во Крушево каде треба да мине првата базична подготовка. Ќе се работи на физичката подготовка, десетина дена, по што се враќаме во Скопје и почнуваме со финалниот дел од подготовките во кои најголемиот дел ќе бидат посветени на техничко-тактичките делови. Имаме поширок ростер на играчи, по настапот на младинците на Зонските квалификации ќе приклучиме и неколку од младинските репрезентативци, додека ги очекуваме пријателските средби од кои треба да се искристализира формата за Европското првенство. Засега се уште сме во преговори со можните противници, затоа што се уште се очекува простор и термини кои ќе им одговараат на сите страни. Се надевам дека ќе имаме неколку сериозни теста пред да одиме во Софија“, потенцираше селекторот Миленкоски.
Македонија годинава по четвртипат ќе настапи на завршницата на Европското првенство. Годинава сме во силна група со домаќинот Бугарија, европскиот шампион Полска, како и селекциите на Украина, Португалија и Израел. Првиот натпревар на ЕП ќе го имаме на 9 септември против домаќинот Бугарија.










