Мурати: Можеме да бидеме изненадувањето на првото коло

148
Фото: ФФМ

Екипата на Башкими ќе ја започне новата сезона на гостински терен, каде што ќе се соочи со тимот на Силекс во Кратово. Кумановскиот тим се соочи со одредени потешкотии и доцна ги започна подготовките, но тоа не го намалува оптимизмот кај фудбалерите за уште една успешна сезона во домашната елита.

„Ја започнуваме оваа шампионска сезона со голем ентузијазам. Иако се соочивме со одредени проблеми и ги започнавме подготовките со задоцнување, подготвени сме да го дадеме својот максимум“, изјави на почетокот Адис Мурати.

Според Мурати, Силекс е физички силна екипа која доминира на домашен терен.

„Нè очекува исклучително силен и физички добро подготвен противник. На нивен терен секогаш е тешко да се игра, но ние добро го познаваме Силекс, ќе се бориме за секоја топка и ќе се обидеме да го изненадиме во Кратово“, истакнува Мурати.

Адис Мурати верува дека Башкими има добар тим и дека може да биде најпријатното изненадување во првото коло од домашниот шампионат.

„Во ФК Башкими 1947 не е важно кој игра, туку колку дава за овој дрес. Се надеваме дека ќе ја започнеме сезоната со позитивен резултат и, зошто да не, да бидеме изненадувањето на ова коло“, заклучи на крајот Адис Мурати.

Натпреварот меѓу Силекс и Башкими ќе се одигра на стадионот во Кратово, со почеток во 17:00 часот.

ПретходноКејн оди на важни разговори: Многу работи ќе бидат појасни!
СледноНов пораз за македонските јуниори, Унгарија го згасна сонот за А Дивизија!