Червар: Македонија е мојата втора татковина, сакам да ја завршам тренерската кариера со стил

218

Со стартот на подготовките на тимот на Е.Пелистер, денеска официјално започна и мисијата на искусниот Лино Червар како тренер на нашиот ракометен великан.

Червар ја презема тренерската палка во насока на што подобар настап на битолчани во следната сезона, освојување на шампионската титула и нормално што подобар настап на интернационална сцена.

Тој по официјалната прозивка даде опширна изјава за очекувањата, првите импресии од Битола, клубот и кои се амбициите за претстојната сезона.

„Морам да кажам дека ми е чест да бидам тука и да го водам Еурофарм Пелистер. Тука ќе биде и крајот на мојата кариера. Мило ми е дека сум во мојата втора татковина. Знам кој е Пелистер, клуб со голема традиција уште кога го водев Умаг во првата југословенска лига играв против овој клуб. Пепи Манасков ни беше голем проблем тогаш. Многу сум амбициозен. Ќе дадам се од себе за Пелистер да биде компетентен. Малку сум поинаков, па ќе работиме поинаку. Ќе биде игра за клубот да има свој имиџ, идентитет и препознатливост на теренот. Сите ние заедно, секој од нас мора да даде се. Јас како тренер морам да бидам пример, да се бориме како екипа и да се обидам да направам се што можам за клубот да биде успешен“ – изјави Червар, па додаде.

„Засега имаме три натпревари, еден ќе биде репрезентацијата на Катар, вториот е словенечка Крка и уште еден со прволигаш. Бргу ќе дојдат натпреварите од регионалната лига, па мора да внимаваме. Уште во првото коло имаме голем предизвик во Охрид, па мора да се „програмираме“. Најважно е да добиеме идеја за играта, играчите да видат што сакам и каков ќе биде Пелистер. Има многу работа, а нема многу време и мора да сме рационални. Се држам до една приказна, мора да ја сакаш работата која ја работиш. Секој тренер би сакал да ги има најдобрите играчи, ама кога го немаш она што го посакуваш најмногу, мора да го сакаш она што го поседуваш. Јас го сакам тимот кој го имам, верувам во тој тим и заедно како семејство сите во клубот мора да сме успешни, а потоа времето ќе покаже до каде ќе стигнеме“,појасни искусниот стратег.

ПретходноМу олесна на аргентинецот….Меси повторно нема да биде дел од МЛС ол-стар мечот
СледноКаде погреши „златното“ момче од Струмица?