Шок во Варна: Ѓоко Хаџиевски си замина од Спартак (В)!

515

Еден од најтрофејните македонски фудбалски тренери, Ѓоко Хаџиевски, си заминува од екипата на Спартак (Варна), потврдија од бугарскиот прволигаш..

Според информацијата, Ѓоко Хаџиевски, ја напушти функција иако со тимот од Варна пред неколку дена го воодушеви „синиот дел“ од градот со победа од 3:0 против Черно Море на стадионот „Тича“. Една од причините за заминувањето на Хаџиевски е тоа што доцнело обновувањето на неговата работна виза.

Хаџиевски за својата одлука ги информирал играчите на денешниот тренинг. Клубот излезе и со официјално соопштение на социјалните мрежи во кое се вели:

„Раководството на ФК Спартак Варна ги информира своите навивачи дека, на изрична молба на главниот тренер, Ѓоко Хаџиевски, од денес, неговиот договор со клубот ќе биде раскинат. Одлуката е лична на г-дин Хаџиевски и му беше соопштена на раководството по победата во дербито во Варна против Черно Море. На 70-годишна возраст, тој го презеде Спартак во време кога на клубот му беа потребни стабилност, смиреност и искуство. Под негово водство, тимот успеа да ги надмине тешкотиите, да го стабилизира својот настап и да го задржи своето место во ефбет лигата по тешката измината сезона. Со ова, тој ја исполни својата прва мисија во клубот.
На почетокот од новото првенство, Ѓоко Хаџиевски го исполни и ветувањето што му го даде на раководството на ФК Спартак – да го врати победничкиот дух на тимот и да остави причина за гордост за сите навивачи на Спартак. Победата во дербито на Варна против Черно Море беше моментот што самиот тој го дефинираше како најсоодветно финале на неговата мисија во клубот и посака да биде запаметен токму по овој успех. ФК Спартак Варна изразува искрена благодарност до Ѓоко Хаџиевски за професионализмот, посветеноста и огромното искуство што го вложи во својата работа со клубот“.

ПретходноНејмар се прости од Бразил: Дадов се за овој дрес, не можам повеќе
СледноКоло Муани се враќа во Јувентус за 38 милиони евра