Американскиот кошаркар Лесли Ворнер (28 години, 201 см) е најновото засилување за шампионот МЗТ Скопје. Тој денеска официјално ставил потпис на договорот со шампионот.
Ворнер е искусен крилен кошаркар, кој зад себе има богато европско искуство. По четирите години минати на Универзитетот Рио Гранде, првиот ангажман на Стариот континент го имаше во австриски Грац во сезоната 2021/22, која ја заврши во редовите на британски Њукасл. Потоа настапуваше и за Капфенберг (Австрија), Славија Прага и Усти над Лабем (Чешка), Короивос (Грција), додека минатата сезона ги бранеше боите на литванскиот прволигаш Јонава.
Американецот важи за одличен поентер и скокач, поради што често натпреварите ги завршува со дабл-дабл учинок.
Ворнер е третото интернационално засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по сонародникот Ноа Фарахан и босанскиот центар Емир Крајиниќ.










