Експресната европска елиминација на македонскиот првак Вардар е потврда дека во клубот зад себе имаат очајно и катастрофално лето со утнат тренажен процес, утнат скаутинг на ривалите (посебно на домашен терен), а со тоа по автоматизам утнат стручен штаб на чело со Кристијан Фабиани и лош трансфер маркет околу играчкиот кадар. Резултатите секогаш биле и ќе бидат репер за нечија способност, знаење и квалитет, а тоа во Вардар е веќе потврдено со оглед на тоа дека на клубот му се случи експресна елиминација од екипи кои доѓаа од вториот фудбалски ешалон како Финска и Летонија.
Но, тука постои уште една и тоа најголемата болка. Навивачите, поддршката и посетата на натпреварите на Вардар. Миленко Неделковски и неговиот тим кои го менаџираат клубот ја добија пораката од трибините (празни). Овој Вардар во минатото на дуели од Втора лига собираше по 4-5.000 гледачи, а ете сега се е празно.
Згора на тоа Вардар и во регионот е пример за бренд кој остана без навивачи. Не кажуваат домашните туку тоа е констатација на регионалните медиуми, кои кога ќе слушнат Вардар веднаш мислат на успеси, титули, полн стадион – но ете се има, но полн стадионот не.
За да биде фијаското уште поголемо, се погрижи сајтот „стадиони и арени“. Сајт кој се занимава со регионалните екипи од поранешна Југославија и нивната посетеност. Излегоа со бројка дека дуелот Вардар – Рига во Скопје го следече 2.700 навивачи. И веднаш нова бројка и можеби најголемиот пораз за Вардар. На „неговиот“ стадион, во неговиот град, Шкендија од Тетово собра речиси двојно повеќе навивачи од Вардар – вкупно 5.200!
Тоа е семафорот, бројките и фактите пред кои и боговите молчат. Со сила ништо не бидува, така и овој Вардар не може да мине едно коло во Европа, затоа што ја нема поддршката од навивачите, „Комитите“, народот, скопјаните… А да потсетиме, Вардар и со КуПС и со Рига првите натпревари ги играше дома. И на двата меча загуби, а потоа следеа фаталните елиминации во екстра времето. Потрошени милиони, авиони… за 2.000 публика во Европа и 200 домашни против Брегалница!? Страшно очајно, лошо и мизерно!!!
Полоша, но од резултатски план, е само Црна Гора, но од таму се „менаџира“ Вардар и затоа „црвено-црните“ го следат тој курс од таа спомената земја. Секоја чест…

Хајдук е на врвот па Црвена Звезда
Кога сме кај бројките, најголема посета во УЕФА натпреварувањата во екс-ју земјите имаше екипата на Хајдук Сплит која собра 27.752 гледачи на диелот со Пафос на кој славеше со 3:0. Потоа следи Црвена Звезда во Лигата на шампионите со 26.114 гледачи и победа од 5:0, а трет е Динамо Загреб и „лудиот“ пресврт со Тун на кој дојдоа 17.092 навивачи.
Каде има публика има и резултати и од тој факт нема бегање па така Вардар „без навивачи“ дојде до „два од два“ порази на домашен терен. На дното од оваа листа повторно Македонија, но Шкендија и мечот во Љубљана кај Браво кој го следеа само 800 навивачи и тој меч е најслабопосетениот натпревар во регионот.










