Достоен отпор, но нов пораз за младите кошаркарки

42
фото: mkd.basketball

Женската репрезентација на Македонија „Под 18“ години го претрпе и третиот пораз на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое се одржува во романскиот град Тулчеа.

По уште едно борбено издание, нешто подобра беше селекцијата на Велика Британија, која благодарение на својата физичка надмоќ стигна до победа.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 59:43

Во првото полувреме се играше доста неефикасна кошарка. Во таков ритам подобро се снајдоа Британките, кои уште во воведната четвртина создадоа двоцифрена предност. Македонија одигра подобро во вториот период, кој го доби со минимални 11:10, но на големата пауза противникот имаше убедлива предност од 31:16.

Нашите кошаркарки по одморот покажаа далеку подобро лице, особено во одбраната. Со цврста и агресивна игра успеаја значително да го намалат нападот на физички посилниот противник. На средината од третата четвртина резултатот беше 33:20, а нешто подоцна и 34:24, за тој период да заврши со 37:25.

Македонија не се предаде ниту во последната четвртина. Напротив, со уште поагресивна игра во одбраната успеа да ја намали негативата на едноцифрена разлика. По поените на Трајковска, резултатот беше 40:31, а потоа и 42:33, но за целосен резултатски пресврт немаше доволно време.

Најефикасна во македонскиот состав беше Пислевска со 16 поени, на кои додаде и два скока и четири асистенции. Трајковска постигна осум поени (два скока и две асистенции). Милосављевиќ забележа пет поени и десет скока, исто толку скокови имаше и Мицева.

По трите одиграни натпревари во групната фаза, следуваат два дена пауза за македонските јуниорки. Последниот натпревар од групата Македонија ќе го одигра на 5 август, со почеток од 15:00 часот, против селекцијата на Словачка.

ПретходноТренчовски тргна со победа на клупата на Олимпија
СледноПолска ги порази САД и остана на тронот на Лигата на Нации