На денешниов голем православен христијански празник Св. Илија и државен празник Илинден, што е еден од клучните темели на идентитетот на македонскиот народ и на Република Македонија како држава, пред 80 години (во 1946) на 2 август, почнало, а следниот ден завршило првото првенство на Македонија во кошарка.
Според достапните податоци, ова првенство било одржано во рамките на Вториот фискултурен слет. На првенството учествувале три екипи: МАКЕДОНИЈА, РАБОТНИИЧКИ (двата тима од Скопје) и ВАНЧО ПРКЕ (од Штип). По поразот во првиот меч од Работнички со 30:8, првенството го напуштиле кошаркарите на Ванчо Прке.
На средината на Градскиот стадион во Скопје бил одбележан имровизиран кошаркарски терен, линиите биле исцртани со вар, кошовите биле направени од обично железо и немале мрежички. Натпреварите се играле со одбојкарска топка, која била многу полесна од кошаркарската и тешко се уфрлала во кошот.
На овој прв официјален кошаркарски натпревар во Скопје по ослободувањето на Југославија, не се суделе лични грешки, ниту технички, а времето се мерело рачно, со штоперица. Немало тајм аут, се играло точно 40 минути, 2 пати по 20 минути. Најважно било да се води правилно топката и, јасно, да се уфрли во кошот. Судел само еден судија. Првенството привлекло големо внимание.
За Работнички настапиле: Славко Матовски, Драган Луковски, Трајан Ивановски, Борис Анастасов, Атанас Радевски, Војче Димитровски, Илија Ќовкаров.
За големиот, национален, регионален и европски, квалитет на КК Работнички говорат и следниве факти:
– на вечната табела на прволигаши во СФРЈ е 11-ти по број на одиграни сезони (18) и одиграни натпревари (420) во најсилната Лига во Европа,
– три пати заврши на петтото место во елитата во СФРЈ,
– пред 50 години настапи во полуфиналето на европскиот Куп Радивој Кораќ (ги победи и финалистите) и во првото финале на ју-Купот. Следното наше финале беше во 1983 година. Работнички стигна и до “фајнал – форот” во СФРЈ во 1988,
– Во сезоната 91/92, што беше последна сезона во СФРЈ, Работнички заврши трет во регуларниот дел во ЈУБА Лигата, по што беше елиминиран од Црвена Звезда во полуфиналето на плеј-офот, а настапи и во полуфиналето на Купот во Ниш каде загуби од идниот победник Партизан.
– Во самостојна Македонија, Работнички освои рекордни 15 шампионски титули, 10 пати триумфираше во националниот Куп на Македонија и два пати го освои Супер Купот.
– Во сезоната 1993/94, во четвртата фаза од ФИБА Европскиот Куп, Работнички настапи во една од двете четврфинални групи. Играше во групата А, во која прва заврши Смелт Олимпија, а пред Таугрес кои се пласираа во полуфиналето и финалето, а следните години заиграа и на “фајнал-форот” во Евролигата.
– Голем успех и во сезоната 2003/2004 во ФИБА Европа Купот. Вкупно настапија 48 екипи,. Во групната фаза, 32 екипи беа поделени во 4 Конференции. Практично,, таа сезона Работнички заврши меѓу најдобрите 8 во овој Куп. Во таа Јужна Конференција, во која настапи и идниот европски првак Фенербахче, Работнички стигна до финалето каде загуби со два поени од победникот Туборг од Турција кој со тоа избори пласман на фајнал-форот.
– Во сезоната 2008/2009 Работнички стигна до финалето на Балканската “БИБЛ“ Лига, каде загуби од бугарскиот Рилски Спортист.
Во чест на големиов јубилеј, мошне посветена и професионална новинарска екипа, на чело со уредникот и продуцент Тадеј Здравкоски, водителот Живко Здравкоски и главниот монтажер Марко Манушев, три месеци, со љубов и голем напор, работи на видео серијалот “Легендите говорат“ во кој досега се објавени неколку епизоди на ју-тјуб каналот KK Rabotnicki 1946.










