Македонската кадетска репрезентација запиша три победи во низа на Европското првенство. Третата победа на шампионатот кој се одржува во Белград за нашите надежи значеше заверка на билет за Светското првенство следната година.
Денеска избраниците на селекторот, Горан Кузманоски славеа против Фарски Острови со 32-34. Ова беше уште еден тежок натпревар во низа за нашите кадети. Македонија остана без двајца играчи, Николоски и Ѓоргиески добија црвен картон, што пак се одрази во одреден момент во играта, но најважно е дека овој пат „црвено-жолтите“ се изнесоа со притисокот и сосема заслужено славеа.
„Ова беше многу тежок натпревар, против Фарските Острови, репрезентација која има одличен систем на игра и речиси до перфекција ја игра 7 на 6. Уште во првото полувреме успеавме да го неутрализираме нивниот главен играч Скипаготу. Одбраната функционираше одлично, а во нападот бевме трпеливи, дисциплинирани и точно знаевме што сакаме да одиграме.
Добро го отворивме и второто полувреме и успешно ја одржувавме предноста. Меѓутоа, по исклучувањето на Петар Николоски, нашиот главен играч во одбраната, се почувствува пад во одбраната, посебно на позициите три и четири. Во тие моменти голема одговорност презеде Марко Ѓорчевски, кој одлично ги затвори празнините и ни помогна да го приведеме мечот до посакуваниот крај.
Имавме и дополнителен пех, бидејќи Стефан Ѓоргиески доби црвен картон, а Трајче Костов настапи со повреда, односно со пукнат прст и го реализира последниот гол. Но, и покрај сите проблеми, момците покажаа карактер, борбеност и тимски дух. Затоа сметам дека сосема заслужено стигнавме до победата“, изјави за СПОРСПОРТ селекторот Горан Кузманоски.
Македонија сега ќе се бори за пласман од 9. до 12 место. И овој успех, само по себе е голем, бидејќи зад нас како што вели Кузманоски остануваат едни имиња како Шведска и Норвешка.
„Заслужено се наоѓаме на 12. место и зад нас остануваат репрезентации како Шведска и Норвешка. Сепак, не смееме да се опуштиме. Пред нас има уште два натпревари и треба да останеме максимално фокусирани. Ако успееме да избориме пласман на деветтото место на ова Европско првенство, тоа ќе биде огромен успех за оваа репрезентација, која без сомнение има квалитет и голема иднина“, додаде Кузманоски.
Македонија веќе утре игра нов меч, за противник ја има селекцијата на Португалија.










