Ѓоковиќ: Тој пораз ме уништи!

160
Фото: BNP Paribas Open@BNPPARIBASOPEN

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, се потсети на еден од најтешките порази во неговата кариера, неговата елиминација од Хуан Мартин дел Потро во првото коло на Олимписките игри во Рио де Жанеиро 2016.

Тој призна дека неуспехот го погодил толку силно што почнал да се сомнева во сопствените способности.

Ѓоковиќ пристигна во Рио како прв тенисер во светот и во моментот кога беше на врвот на својата кариера. Неколку недели претходно, го освои Ролан Гарос и го заврши својот кариерен Гренд слем, додека во тој момент ги држеше сите четири големи трофеи истовремено.

Сепак, олимпискиот сон потоа заврши на стартот. Српскиот тенисер беше поразен од Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро, тогаш 141-от играч во светот, кој се враќаше на теренот по бројни проблеми со повреди.

Дел Потро победи во два тај-брека, 7:6, 7:6, а Ѓоковиќ го напушти теренот во солзи.

„Ова е, без сомнение, еден од најтешките порази во мојот живот и кариера. Раните се уште се свежи. Боли ужасно затоа што бев елиминиран толку рано, но, од друга страна, среќен сум за Дел Потро, затоа што помина низ многу повреди“, се присети Ѓоковиќ.

Српскиот ас конкретно нагласи дека поразот го погодил токму затоа што пристигнал во Рио во најдобра можна форма.

„Бев на врвот на мојата форма, број еден во светот и веќе ги имав освоено сите четири Гренд слем турнири. Речиси не пропуштив ниту една топка. Тој пораз ме уништи и ме натера да се сомневам во мојата способност да го постигнам ова додека бев на највисоко ниво“, рече Ѓоковиќ.

Сепак, она што во 2016 година претставуваше една од најголемите спортски трауми за Ѓоковиќ, осум години подоцна имаше сосема поинаков епилог.

На Олимписките игри во Париз во 2024 година, Ѓоковиќ конечно ја освои единствената голема титула што му недостасуваше. Во финалето, го победи Карлос Алкараз и стигна до олимпиското злато, со што затвори едно од најважните поглавја од неговата кариера.

ПретходноКожув се засили со српски бек!
СледноПочина таткото на Лионел Меси