Кошаркарската федерација на Македонија и официјално го објави конкурсот за доделување на вајлд картата и пополнување на испразнетото место во Супер лигата.
Откако тимот на Чаир и официјално не ги исполни условите за натпреварување за следната сезона, аналогно на тоа се прејде кон постапка за пополнување на неговото место во најдобрата кошаркарска конкуренција кај нас.
Па така, кошаркарската федерација на Македонија, врз основа на важечките одредби од Статутот, Правилникот за натпреварување, Пропозициите за натпреварување, актите со кои се уредува постапката за лиценцирање на клубовите, како и врз основа на одлуката на Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, објавува конкурс за доделување „вајлд-карта“ и пополнување на едно (1) испразнето место во Супер лигата – мажи за натпреварувачката сезона 2026/27.
Согласно конечниот пласман остварен во натпреварувачката сезона 2025/26 и важечките Пропозиции за натпреварување, право на учество во Супер лигата – мажи за сезоната 2026/27, врз основа на остварениот спортски резултат и пред конечното завршување на постапката за лиценцирање, стекнаа:
КК МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ АД – Скопје
КК МАЏАРИ АД – Скопје
КК ПЕЛИСТЕР АД – Битола
КК ТФТ АД – Скопје
КК КОЖУВ АД – Гевгелија
КК ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ АД – Кавадарци
МКК КУМАНОВО АД – Куманово
КК ЧАИР 2030 АД – Скопје
КК РАБОТНИЧКИ АД – Скопје
КК СТРУМИЦА 2001 АД – Струмица, како победник на Првата македонска лига – мажи за сезоната 2025/26.
Конечниот пласман во Супер лигата – мажи за сезоната 2025/26 потврдува дека првите девет наведени клубови го задржале спортското право за највисокиот степен, додека КК Феникс 2010 – Скопје, КК Гостивар и КК Ангели – Скопје, како последнопласирани три екипи, испаднале во Првата македонска лига – мажи.
КК Струмица 2001 АД, како победник на Првата македонска лига – мажи, стекнал право на настап во Супер лигата за сезоната 2026/27.
Испразнето место во Супер лигата – мажи
По завршувањето на постапката за лиценцирање, како и по истекот на рокот за поднесување жалби во делот на исполнувањето на обврските поврзани со финансиската дисциплина, констатирано е дека КК Чаир 2030 АД – Скопје не ги исполнил условите предвидени со важечките акти на федерацијата за настап во Супер лигата – мажи за натпреварувачката сезона 2026/27.
Поради неисполнувањето на пропишаните услови, КК Чаир 2030 АД не го реализира спортски стекнатото право на настап во Супер лигата – мажи за сезоната 2026/27, со што во највисокиот степен на натпреварување се создава едно (1) испразнето место.
Наведеното не претставува исклучување на клубот од системот на натпреварување на Кошаркарската федерација на Македонија.
Согласно важечките Пропозиции, клуб кој не ја исполнува обврската од член 7.1 не остварува право на настап во повисокиот степен, туку се префрла за еден степен во понизок ранг на натпреварување.
Оттука, КК Чаир 2030 АД може да го реализира правото на настап во Првата македонска лига – мажи за сезоната 2026/27, под услов претходно да ги исполни сите финансиски, административни, лиценцни и други обврски утврдени со важечките акти и одлуки на федерацијата.
Право на пријавување
Согласно одлуката на Управниот одбор бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, доколку некој од десетте клубови кои го сочинуваат суперлигашкиот состав не ги исполни условите за добивање лиценца, се дава можност на клуб од понизок ранг на натпреварување да учествува во Супер лигата – мажи преку доделување „вајлд-карта“.
Поради тоа, право да поднесе пријава по овој конкурс има клуб од понизок ранг на натпреварување кој смета дека ги исполнува сите услови предвидени со важечките акти на федерацијата за настап во највисокиот степен на натпреварување.
Испразнетото место не создава автоматско право на промоција на кој било клуб, ниту самото поднесување пријава дава стекнато право на настап во Супер лигата – мажи.
Услови за учество
Заинтересираните клубови се должни да ги исполнат сите услови пропишани за настап во највисокиот степен на натпреварување, вклучително и организациските, инфраструктурните, административните, финансиските и останатите критериуми утврдени со важечките акти на федерацијата.
Особено ќе се цени исполнувањето на обврските поврзани со финансиската дисциплина, како задолжителен дел од постапката за лиценцирање.
Лиценцната документација предвидува потврдување на подмирените финансиски обврски од претходните и од тековната натпреварувачка сезона.
Документацијата која не е доставена во рамките на постапката нема да се смета за исполнет услов.
Надоместок за „вајлд-карта“
Согласно одлуката на Управниот одбор бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, клубот кој ќе го оствари правото за учество во Супер лигата – мажи преку доделување „вајлд-карта“ е должен да изврши претходна уплата во износ од 40.000 евра во денарска противвредност на сметката на Кошаркарската федерација на Македонија.
Исполнувањето на оваа финансиска обврска претставува задолжителен услов за реализација на правото на настап преку доделената „вајлд-карта“.
Рок за пријавување
Заинтересираните клубови можат да ги достават своите пријави во периодот: од 10 до 20 август 2026 година.
Пријавата мора да биде уредна и комплетна и да биде придружена со целокупната документација потребна за утврдување на исполнетоста на пропишаните услови.
Пријавите доставени по истекот на утврдениот рок, како и нецелосните и неуредните пријави, нема да бидат земени во разгледување.
Постапка за одлучување
По истекот на рокот за пријавување, комисијата за лиценцирање ќе изврши проверка на доставената документација и исполнетоста на пропишаните услови од страна на пријавените клубови.
По завршувањето на постапката, Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија ќе донесе конечна одлука за доделување на „вајлд-карта“ и пополнување на испразнетото место во Супер лигата – мажи за сезоната 2026/27.
Поднесувањето пријава, како и исполнувањето на формалните услови за нејзино разгледување, само по себе не создава право на доделување вајлд-карта.
Постапката ќе биде спроведена со доследна примена на начелата на еднаков третман, транспарентност, финансиска дисциплина, правна сигурност и еднаква примена на важечките акти кон сите клубови.
Објавувањето на овој конкурс претставува реализација на механизам, претходно утврден со одлуката на Управниот одбор бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, односно пред утврдувањето дека конкретен клуб нема да ги исполни условите за лиценцирање за сезоната 2026/27.
По завршувањето на постапката и донесувањето на конечната одлука, Кошаркарската федерација на Македонија ќе ја информира јавноста и ќе го објави конечниот состав на Супер лигата – мажи за натпреварувачката сезона 2026/27.










