Македонската одбојкарска машка репрезентација продолжува со подготовките за Европското првенство, каде нашата селекција ќе има исклучително тешки противници. Македонија ќе го започне настапот на Европското првенство на деветти септември, во својата група Б за противници ги има селекциите на Бугарија, Полска, Португалија, Украина и Израел.
Владо Милев, еден од поискусните одбојкари вели дека атмосферата е одлична, сите се подготвуваат максимално, сакаат да направат успех, а еден од мотивите покрај претставувањето на својата земја е што за голем дел ќе биде последно ЕП во кариерата.
„Подготовките течат во најдобар ред. Атмосферата е одлична, работиме со полн интензитет и сакаме да бидеме во добра форма пред почетокот на Европското првенство. Ние како поискусни одбојкари сакаме да го пренесеме знаењето на нашите помлади колеги, од кои во иднина се очекува да бидат носители на играта.
Оваа година чувствувам малку поразлична енергија. За некого ова ќе биде прво Европско, за некого четврто во низа, а за некого можеби и последно во кариерата.
Сите сакаме да се претставиме во најдобро светло и да забележиме добри резултати на континенталниот турнир“, заклучи Милев.










