Почесниот претседател на Баерн Минхен, Ули Хенес (74), се најде во центарот на бизарен правен спор откако неговиот прв сосед од елитното место Бад Визе на езерото Тегернзе го тужеше пред Регионалниот суд во Минхен поради засадување на две нови стебла.
Според пишувањата на германскиот весник „Велт“, соседот поднел итна тужба барајќи Хенес веднаш да ги отстрани двете новозасадени липи и да му се забрани натамошно садење дрвја на тој дел од имотот. Соседот тврди дека дрвјата му го блокираат погледот и со тоа ја намалуваат вредноста на неговиот имот, повикувајќи се на право на ограничување заградено во имотниот лист уште од 1975 година.
Хенес, кој лично се појави на рочиштето заедно со сопругата Зузи, одлучно ги отфрли обвинувањата и изјави дека целиот процес е „чиста глупост и провокација“. Почесниот претседател на баварскиот гигант објасни дека липите биле засадени како замена за старо дрво кое било уништено од снежно невреме и требало да се исече.
Бидејќи двете страни не успеаја да постигнат вонсудска спогодба за време на 70-минутното рочиште, судијката објави дека конечната одлука за итниот барање ќе ја донесе на 24 септември.










