Лука Стојановски: Победата е единствениот императив пред нас

66
ФОТО: KFSM.MK

Лука Стојановски важи за еден од најстандардните македонски репрезентативци во последните неколку квалификациски циклуси. Без разлика дали станува збор за натпревари од квалификациите за Светското првенство или за претквалификациите за Евробаскетот во 2029 година, искусниот бек е важен дел од националниот тим.

Новиот кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром е во составот на Македонија и на стартот од вториот круг од претквалификациите, во кој нашата селекција, во рамките на групата „Ф“, ќе се соочи со Австрија и Кипар.

Првиот предизвик е веќе в недела, кога Македонија ќе гостува во Виена и ќе игра против селекцијата на Австрија.

По одработениот тренинг во „Спорт Арената“ во Виена, Стојановски јасно ги постави очекувањата пред натпреварот.

„Очекувањата се да победиме. На секој натпревар што ќе го играме во наредниот период одиме на победа. Се подготвуваме, гледаме видеа, правиме тактика. Едноставно, имаме добра и комплетна екипа во овој момент. Победата, би го нарекол тоа, е единствениот императив пред нас.“

Македонија во претходниот претквалификациски циклус имаше максимален ефект – шест победи на шест натпревари, резултати кои дополнително ја подигнаа самодовербата во националниот тим. Во новиот циклус, составот е дополнително засилен со приклучувањето на Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.

„Точно така. Тие победи и одиграните натпревари во овие претквалификации се голем плус за нас како екипа. Но и доаѓањето на одлични играчи како Ненад и Мозес ќе ни помогне во намерата да стигнеме до оние вистински квалификации.“

Стојановски направи и кратка анализа на првиот противник во вториот круг од претквалификациите.

„Би рекол дека пред сè станува збор за шутерска екипа. Физички не се предоминантни, така што би рекол дека негуваат брза кошарка и дека имаат добар шутерски потенцијал“, анализира македонскиот репрезентативен бек.

Дуелот меѓу Австрија и Македонија, кој ќе биде прв за нашиот национален тим во вториот круг од претквалификациите за Евробаскет 2029, е закажан за в недела, со почеток во 16:05 часот, во „Спорт Арената“ во Виена.

Претходно18-годишниот син на Робињо од Сантос се сели во Џенова
СледноФудбалер на Ливерпул ќе му стане соиграч на Столе во Валенсија