Научна фантастика или единствениот реален излез? Арапи му го трасираат патот на Алварез до Барселона?!

624

Атлетико Мадрид во саботата вечерта славеше на гостувањето кај Севилја со 3:1, без Хулијан Алварез во составот, а Диего Симеоне по натпреварот не можеше да гарантира дека Аргентинецот ќе остане во клубот.

„Без оглед на сè што се случува околу Хулијан, мојот став генерално е дека во фудбалот секогаш е сè можно. Тој минува низ свој личен процес, а ние ќе бидеме тука уште еднаш да повториме дека, од спортски аспект, ќе се обидеме да му помогнеме, а тој да ни помогне нам, бидејќи станува збор за исклучителен играч“, изјави Симеоне.

А потоа на социјалните мрежи почна да кружи една прилично чудна информација – дека Алварез би можел да се пресели во Ал Хилал, а потоа во јануари да заврши во Барселона!

Познато е дека Атлетико Мадрид сака да го продаде Алварез, бидејќи свесен е дека враќање на старото нема, но Аргентинецот не сака да се пресели во Арсенал и на тој начин да си ја затвори вратата кон Барселона.

Токму затоа се појави сценариото според кое Ал Хилал би платил 120 милиони евра за неговиот трансфер сега, со клаузула според која Барселона би можела да го откупи уште во јануари за 130 милиони евра!

Секако, целата приказна треба да се земе со резерва, особено ако се има предвид дека преодниот рок трае уште денес и утре, а ваквите трансфери се исклучително комплицирани.

Сепак, јасно е дека Атлетико на овој начин би успеал да заработи од Алварез и истовремено да се „испере“ пред своите навивачи, бидејќи би останал на ставот дека не сака да го пушти директно во Барселона.

Од друга страна, доколку Алварез навистина замине во Ал Хилал, јасно е дека единствената причина за таков трансфер би била заобиколниот пат до Барселона.

Треба да се напомене и дека Жорж Мендеш е во исклучително блиски односи со Ал Хилал, а токму тој летово ги искористи своите силни врски за Жоао Кансело да го раскине договорот и повторно да се врати во Барселона.

Останува да видиме дали досега невиденото сценарио во историјата на фудбалот навистина е можно, бидејќи целата приказна звучи како научна фантастика…

ПретходноАндреј Тодороски е пред трансфер во Борац од Бања Лука!
СледноВојдан Стојановски е на чекор до магичната 100-ка во дресот на Македонија!