Деби повик за Резарт Мемеди: Ова е големо искуство и мотивација за мене!

160

✍️ Од Виена за СПОРТСПОРТ, Марија Ковачева

Македонската кошаркарска репрезентација денеска (16:05 часот) против Австрија во салата „Спорт Арена“ во Виена ја отвара втората претквалификациска рунда за пласман во квалификациите за ЕП 2029 година. Победа за „црвено-жолтите“ на ова гостување ќе значи широко отворени врати кон реализација на посакуваната цел.

Во дресот на Македонија денеска ќе дебитираат двајца играчи. Новиот Американец со македонски пасош, Мозес Рајт кој се очекува заедно со Ненад Димитријевиќ за да бидат главни мотори на теренот.

Вториот кошаркар кој посакува да ги одигра првите сениорски минути е Резарт Мемеди. 23-годишниот бек има настапувано за младите категории на Македонија, а сега доби повик од предводникот на нашиот национален тим, Хозе Марија Берокал.

„Среќен сум што добив шанса да тренирам со сениорскиот тим на Македонија и што се најдов во плановите на селекторот. За мене ова е големо искуство и секако голема мотивација за понатаму. Одлично се чувствувам во тимот, момците ми помогнаа брзо да се вклопам.

За мене секоја минута со сениорската репрезентација е драгоцено искуство и сакам да го искористам на најдобар можен начин. Се надевам дека ќе одиграме добар натпревар и дека на крајот ќе имаме причина да бидеме задоволни и да славиме.

Трениравме напорно и мислам дека добро се подготвивме за денешниот натпревар. Знаеме дека Австрија е квалитетна репрезентација и дека нè очекува тежок меч, особено што играме на нивен терен. Нинвиот пораз од Кипар на гостински терен не треба да не залажува. 

Сепак и ние имаме свои квалитети, доколку го дадеме максимумот и одиграме како што се договоривме, можеме да се надеваме на добар резултат“, ни изјави Резарт Мемеди пред денешниот меч. 

ПретходноНеверојатно: Нудат 40 милиони евра за играч кој одиграл само 665 минути во Премиер-лигата!
СледноАндреј Тодороски е пред трансфер во Борац од Бања Лука!