Ефремовски: Добрата одбрана беше клуч за победата во Виена

45
фото: mkd.basketball

Македонија со стил ја отвори втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029. Нашата најдобра машка селекција на гостински терен во Виена ја совлада Австрија со убедливи 91:59, во натпревар во кој од самиот почеток ја презеде контролата и не му дозволи на противникот да се врати во игра.

Еден од најзаслужните за убедливиот триумф беше Виктор Ефремовски. Младиот македонски репрезентативец одигра одличен натпревар и со својата ефикасност даде значаен придонес во големата победа, со што беше и најефикасен македонски кошаркар на средбата во Виена.

Но, според Ефремовски, клучот за триумфот не беше индивидуалниот учинок, туку начинот на кој функционираше целиот тим. Македонската репрезентација одигра исклучително добро во одбраната, покажа борбеност и голема енергија, а токму колективниот пристап беше основата за убедливиот резултат.

„Мислам дека одигравме добар натпревар против Австрија. Најважно беше што одигравме добра одбрана и мислам дека токму тоа беше клучот за натпреварот. Како екипа бевме борбени, си помагавме еден на друг и не им дозволивме лесно да доаѓаат до поени. Конечно бевме речиси во полн состав и тоа многу ни значи. Кога сме сите заедно, многу полесно се игра, а особено кога е Нено со нас. Со него многу полесно функционираме и на теренот имаме повеќе опции“, вели Ефремовски.

Убедливо издание во Виена, според македонскиот репрезентативец, треба да биде само почеток на она што следува. Македонија веќе гледа кон февруарскиот прозорец, во кој ја очекуваат нови важни натпревари против Кипар и Австрија.

Целта е јасна – освојување на првото место во групата и пласман во квалификациите за Европското првенство.

„Не очекуваат важни натпревари во февруари против Кипар и повторно против Австрија. Целта ни е јасна – сакаме да завршиме како први во групата и да обезбедиме пласман во квалификациите за Европското првенство. Верувам во оваа екипа и мислам дека имаме квалитет да го направиме тоа. Сега најважно е да продолжиме да работиме, да бидеме здрави и што почесто да бидеме во полн состав. Ако ја задржиме оваа енергија и пристап, верувам дека можеме да ги оствариме целите“, порача Ефремовски.

ПретходноЧетири златни и три сребрени медали за македонските кикбоксери во Будимпешта
Следно„Граѓаните“ за скоро 40 милиони евра купија засилување од бразилски Палмеирас