Голем скандал го потресе албанскиот фудбал по натпреварот меѓу Елбасани и Влазнија, откако претседателот на гостинскиот клуб, Албан Џафери, физички нападна помошниот судија Ергис Спахиу. Снимката од инцидентот набрзо се појави во јавноста.
Натпреварот заврши со резултат 1:1, а на Влазнија во финишот ѝ беа поништени два гола по интервенција на ВАР-системот, што предизвика големо незадоволство во таборот на гостите од Скадар.
Инцидентот се случил по завршувањето на натпреварот, додека Спахиу се упатувал кон тунелот кој води до соблекувалните. Џафери му пришол и го удрил, по што обезбедувањето веднаш реагирало, го заштитило помошниот судија и спречило дополнителна ескалација на конфликтот.
Албанската фудбалска федерација потврди дека Спахиу бил нападнат од претседателот на Влазнија и остро го осуди насилството, со порака дека е „помината границата“, особено кога ваквото однесување доаѓа од луѓе кои би требало да го штитат фудбалот.
Сега се очекува одлуката на Дисциплинската комисија, а на Џафери му се заканува сериозна казна. Под лупа е и тренерот Еди Мартини поради неговото однесување на теренот и гестикулирањето со знакот за ВАР.
„Ние сме Влазнија и не сме овци. Никој не може да си поигрува со Влазнија, Скадар и овој град“, порача Џафери.
Тој смета дека проблемот со судењето во албанскиот фудбал трае многу подолго и дека достигнал загрижувачки размери.
„Судискиот дел стана гангрена“, изјави претседателот на Влазнија.
View this post on Instagram










