Стартот на новата ракометна сезона ќе биде означен во салата „26 април“ во Гевгелија со Супер-Куп натпреварот. Главни актери на теренот ќе биде Вардар и ГРК Охрид, два тима кои во периодот на подготовките се сретнаа во две финалиња.
Во пресметките за пехарот води езерскиот тим, кој славеше против „црвено-црните“ на струшкиот турнир и „Крсте Андоновски“.
Од она што видовме на дело, денешниот натпревар ветува одлична ракометна претстава. И двата тима добро се познаваат, имаа шанса да ги видат силните и послабите страни.
„Нè очекува интензивен и тежок натпревар. Ќе мора да внимаваме да имаме што помалку грешки во 60 минути ако сакаме резултат во наша корист“, порача Адама Кеита.
Вардар на последната пресметка не беше во комплетен состав, го нема Милан Лазаревски, Јака Малус, како и уште неколку важни имиња во составот.
Од овој натпревар ќе има директен пренос на Арена Спорт МК.










