Последните часови од преодниот рок честопати носат неверојатни пресврти, но она што се случи во Русија е тешко да се надмине. Трансферите, кои практично изгледаа како завршена работа, одеднаш целосно пропаднаа, и тоа откако двајцата фудбалери веќе беа пречекани како големи засилувања.
Сè се случи во Москва, каде што Гонзало Плата и Матеус Мартинс требаше да станат нови фудбалери на Динамо Москва.
Бразилците пристигнаа во Русија, а нивното пристигнување беше встински спектакл.
На аеродромот им беше приреден голем пречек, со навивачи, храна и клупски шалови. Сè изгледаше како почеток на нивната нова авантура и се чинеше дека сè што останува е да се потпишат договорите.
Сепак, се случи целосен пресврт. Плата и Мартинс не ги поминаа лекарските прегледи што ги направија пред да го комплетираат трансферот, по што договорите беа откажани во последен момент.
Нивното пристигнување практично беше претворено во голем спектакл без епилог. Наместо презентацијата и првиот тренинг, двајцата фудбалери останаа без трансфер кој веќе изгледаше дека е целосно реализиран.
Најмногу причини за незадоволство имаат нивните клубови, Фламенго и Ботафого, кои наводно веруваат дека приказната не е толку едноставна. Според информациите што доаѓаат од Бразил, двата клуба ја разгледуваат можноста за судска постапка.
Нивното сомневање е дека Динамо Москва всушност не сакал да ги заврши трансферите, односно дека лекарските прегледи биле искористени како причина за напуштање на веќе договореното.
Во овој момент не е познато како ќе заврши целата ситуација.










