На ЕвроВолеј 2026 ќе се „тестираат“ новите одбојкарски правила

36
ФОТО:facebook.com/volleyballmkd

Европското првенство 2026 е едно од големите натпреварувања на кои летово Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) ги тестира предложените измени на официјалните одбојкарски правила. Во текот на летото по таканаречените „нови правила“ се играа и натпреварите во Европската лига 2026, Лигата на нации 2026, Светското првенство за играчи до 17 години, како и на Европското првенство 2026 во машка и женска конкуренција.

Целта е играта да биде побрза и поедноставна, со помалку прекини и полесно следење на случувањата на теренот за играчите, тренерите, судиите, но и за публиката.

Еве ги најважните правила кои се тестираат:

🔹 Двоен контакт при кревање – без промена!

Кај вториот допир, односно кревањето, двојниот контакт и понатаму ќе биде дозволен доколку топката остане на страната на екипата. Во овој дел нема промена во правилото.

🔹 Ротација – дозволено поместување по почетокот на сервисот

Во моментот на свирежот за сервис, екипата мора да биде правилно поставена според ротацијата. Но, откако серверот ќе започне со движењето за изведување на сервисот, играчите ќе можат да се поместат од своите ротациски позиции.

🔹 Повеќе замени – до осум по сет

Една од повидливите промени е зголемувањето на бројот на замени. Наместо досегашните шест, ќе бидат дозволени до осум замени по сет.

🔹 Состав од 12 до 14 играчи и задолжителен либеро

На натпреварите под организација на ФИВБ, екипите можат да имаат состав од 12 до 14 играчи, при што задолжително мора да има најмалку еден либеро. Можно е да бидат пријавени и две либера, а изборот кој од нив ќе настапи се прави најдоцна еден час пред натпреварот.

🔹 Топка во таванот – играта може да продолжи

Доколку првата или втората топка удри во таванот или во конструкција над теренот, а потоа остане игрива на истата страна од теренот, играта продолжува. Доколку топката се врати во противничкото поле, се досудува грешка.

🔹 Построго судење на „носена“ или „влечена“ топка

Нападот и играта со топката ќе се судат построго кога станува збор за носење или влечење на топката. Нема да биде дозволено фаќање, фрлање или промена на насоката на топката со двете раце. Дозволено е само кратко, чисто и јасно одигрување, односно кување.

🔹 Новина кај челинџот – „боокмарк“ во текот на поенот

Една од поинтересните новини се однесува на видео-челинџот. Екипата ќе може во текот на поенот да означи („боокмарк“) ситуација која потенцијално сака да ја провери. Доколку екипата го загуби поенот, може да побара проверка само на една од претходно означените ситуации. Ако ситуацијата не била означена во текот на поенот, подоцна нема да може да се бара челинџ за неа.

🔹 Челинџ и за допир при одбрана и прием

Челинџ ќе може да се бара и за допир на топката при одбрана или прием на сервис. Сепак, за да биде променета првичната судиска одлука, на видео-снимката мора јасно да се гледа допирот. Доколку нема доволно јасен доказ, останува првичната одлука на судиите.

🔹 Помалку паузи по челинџ

По завршувањето на челинџот, екипата која го побарала нема да може веднаш да побара тајм-аут пред следниот поен. Таква можност ќе има противничката екипа. Целта е да се намали бројот на непотребни прекини и да се задржи динамиката на натпреварот.

🔹 Помалку свирежи за очигледни ситуации

Судиите нема да мора да свират во ситуации во кои исходот е очигледен – на пример, кога топката јасно е во поле или во аут, кога сервисот очигледно не ја поминува мрежата или кога постои јасен допир на блокот по кој топката директно излегува од теренот.

🔹 Тренерот може да побара појаснување од првиот судија

Главниот тренер ќе може да му пријде на првиот судија за појаснување за челинџот што го бара или за одлуката на судиите. Сепак, ова не значи дека ќе биде дозволено протестирање или приговарање на судиската одлука.

🔹 Одвоено загревање за сервис – по 90 секунди

Се воведува и промена во загревањето пред натпреварот. Двете екипи ќе имаат по 90 секунди одвоено загревање за сервис. Прво ќе загрева Екипата А во траење од 90 секунди, а потоа Екипата Б во следните 90 секунди. Причината за оваа промена е пред сè безбедноста на играчите.

Овие измени засега се тестираат и не треба да се сметаат како конечни и трајни промени на официјалните правила. Натпреварите од ЕвроВолеј 2026 ќе бидат уште една голема можност ФИВБ да види како предложените новини функционираат во услови на врвна европска одбојка – како реагираат играчите и тренерите, како ги применуваат судиите и, можеби најважно, како промените влијаат врз динамиката и атрактивноста на играта за гледачите.

ПретходноВардар без проблеми против Овче Поле: Деби гол на Диабате (ВИДЕО)
СледноЈувентус четири месеци без Кефрен Турам