Уф, каков меч на Нфанли Сила?! Напаѓачот на Тиквеш одигра фантастично, маестрално, и со хет – трик просто ја растури, ја прегази Шкендија за сензационален триумф на кавадарчани во меч од 6.коло вечерва на ФФМ, со неверојатни 1:3.
Сила покажа СИЛА и тоа во 19.минута, 60. и во 72. а домашните преку Ислами погодија само за 1:2. Прв пораз на Шкендија, нема “шест од шест“ за тетовци кои останаа лидери. Сега Сила има 7 голови и е прв на листата на стрелците.
Уште на почетокот се виде дека Шкендија не е таа што треба да биде, а четата на стратегот Оливер Богатинов изненадија и тоа како. Одлично поставени, просто ја “прочитаа“ Шкендија, нејзината игра. Имаше неколку акции кои “мирисаа“ на гол а во 19.минута Сила стрелаше за водство и голема радост на гостите. Со тој резултат се замина на одмор.
Во продолжение од средбата Тиквеш и натаму беше маестрален, ретко кој овака успеал да ја надигра Шкендија, и играчки, и тактички и на секаков начин.
Неверојатен настап на Тиквеш. Во второто полувреме Сила “царуваше“, постигна уште два гола а за домашните Ислами намали на1:2. Подоцна Ислами доби втор жолт, односно црвен картон. На крајот Шкендија може да биде и среќна што загуби само со 1:3, според шансите кои ги имаше Тиквеш.
Шкендија остана на тие 15 бодови, додека Тиквеш е втор со 11 бода, сепак Струга ТЛ има 10, но и меч помалку.
Со оваа победа Тиквеш покажа дека Шкендија не е така моќна како што досега изгледаше. Од друга страна кавадарчани и легитимно се промовираат како едни од кандидатите за највисок пласман, а зошто не и во битката за титулата.
Она што Тиквеш го покажа со Вардар, а сега и со Шкендија, е потврда за тоа.



















